Ајде уште еднаш да се навратиме на енергичната изјава на господинот З.Заев дека Бугарија не била фашистичка држава и на изјавата на копретседателот на историско-образовната комисија, кој само „мисли дека Бугарија не била фашистичка држава“.

Енергичната изјава на Заев не остава простор за сомневање, тој и ќе казнува ако треба, ако некој мисли спротивно. Кратко и јасно и без поговор мора да се прифати! Претседателот на Комисијата не е толку сигурен, што дозволува калкулација може да е, а и да не е. Како ќе дувне ветерот, така, вели професорот Тодор Чепреганов за „Пресинг ТВ“.

Политичарот Заев можам да го сфатам. Не прочитал ништо и зависи што запаметил, а што не од оние што го брифирале. Ме чуди ставот на колегата, историчар е.

Единствено оправдување може да биде тоа што не е негов фах. Но, и да е така. Може да се консултира со колегите. Не ми се верува дека изјавата е дадена да се биде на линија со политиката и да му се угоди на ЗЗ?! Но…

Да видиме што се случувало во Бугарија во периодот по завршувањето на Втората светска војна и обидите за прочистување од фашизмот во нивниот образовно-воспитен систем.

Програма за реконструкција на образовниот систем

Уште пред капитулацијата на Бугарија, Министерскиот совет на 6 септември 1944 година донесува одлука за растурање на сите профашистички организации, како и чл.7 од склученото примирје во Москва, кое гласи:„Владата на Бугарија се задолжува веднаш да ги растури постојните на бугарска територија прохитлеровски и други фашистички политички, воени, полувоени, исто така и други водечки непријатели…“.

Согласно таа одлука, на 17 септември 1944 година, владата на Татковинскиот (Отечествениот) фронт донесува програма со која се предвидува „реконструкција на целиот образовен систем на демократски и научни основи“, а во извештајот на министерот за пропаганда Димо Казасов до претседателот на Министерскиот совет, Кимон Георгиев, доставен на 6 октомври 1944 година, се истакнува дека:„Во време на противнародната управа во Бугарија до 9 септември оваа година во нашата литература се појавија многу печатени изданија со фашистички тенденции полни со омраза кон Советскиот Сојуз и рускиот народ или со дух на валкана пропаганда во корист на хитлерова Германија и фашистичка Италија…некои од нив имаат чист расистички карактер, кои водат против еврејското расположение“. Поради таквиот карактер „…се наметнува сите книги со прогерманска и воопшто фашистички и расистички карактер, како и книгите напишани против Советскиот Сојуз и слободољубивите народи да се земат од сите лица и места, каде и да се наоѓаат…и да се предадат на Министерството за пропаганда…“. Во спроведената акција биле одземени вкупно 997 книги.

Истовремено со акцијата за одземање книги се водела и акција во училиштата, високите школи и Универзитетот за расчистување со професорите, кои ја ширеле фашистичката идеологија преку предавањата. Во тој контекст, на 12 октомври 1944 годиа е доставен извештај од претставниците на Комитетот на Татковинскиот (Отечествениот) фронт при Софискиот универзитет со предлог за казнување на професори обвинети за фашистичка дејност, со цел „искоренување на авторитарната фашистичка идеологија“ од Универзитетот. Прв на списокот бил Богдан Филов, кој бил на 61 година, бил редовен професор по археологија, „поради тоа што како премиер ја поврзал Бугарија со силите на Оската и со тоа ја насочил фатално кон пропаст, ја организирал младината во „Браник“ и го подготвил и раководел со нејзиното тровење со фашистичка идеологија, а како регент постојано држел на власт фашистички реакционерни кабинети, како најдоверлив агент на Хитлер“.

Ослободување од авторитарната фашистичка идеологија

На 20 октомври 1944 година, министерот за народна просвета, Ст. Чолаков, во извештајот упатен до претседателот на Министерскиот совет, Кимон Георгиев, ќе истакне „долг е на високата просветна власт…да се ослободи што побрзо од очигледната приврзаност кон авторитарната фашистичка идеологија на учители, професори на Универзитетот и други високи училишта и будно да бдее да не навлезе фашизмот под каква и да е форма во училиштата…Познато е дека во областа на народната просвета и култура влијанието на туѓи на бугарскиот дух и менталитет учења каков што е фашизмот во сите негови разновидности може да биде најпогодна и да нанесе непоправливи лезии на бугарската душа…“ и дека „мерката за прочистување на професорскиот персонал на Универзитетот и во други виши училишта и академии не може да се смета за нарушување на таканаречената „академска слобода“ и универзитетската автономија, бидејќи критериуми при прочистувањето на професорскиот персонал ќе биде не научната и професорската дејност на доцентот, професорот и сл., туку ивршувањето јавна или прикриена фашистичка против народна дејност во средината на академската младина…“.

И на 18 ноември 1944 година, Ст. Чолаков во врска со „Законот за прочистување на учителскиот и професорскиот персонал…“ ги наоѓа „за виновни во смисла на Законот за прочистување, затоа што биле предводници на фашистичката идеологија и ја заслужуваат казната пензионирање“. За криви биле обвинети 45 професори.

Исто така, се презеле и мерки за ликвидирање „на сите печатени изданија со прогермански, фашистички и расистички карактер“ и отстранување од образованието на сите кои на било кој начин биле поврзани со индоктринирањето на учениците со фашистичка идеологија во сите степени на образованието.

На состанокот на Управниот совет на БАН на 23 декември 1944 г. од потпретседателот на академијата било прочитано писмото од претседателот на литературно-уметничкиот клон Елин Пелин во кое меѓу другото се вели:„Денес кога се врши немилосрдно прочистување на целиот државен апарат во сите институции, друштва и институти…пред да се изберат нови членови да се причека пресудата на народниот суд“ и до тогаш да се „отстранат од учество во работата на академијата оние членови, кои се исправени пред народниот суд, додека тој се изјасни за ивната кривица“, а во случај да бидат осудени и лишени од своите права, „тие на крајот ќе го загубат правото да бидат членови на Академијата“. Во предлогот, од јануари-февруари, 1945 г. на Политбирото на БРП(к) изложен од Цола Драгојчева во однос на реконструкцијата на високото образование се истакнува:„Како што целиот образовен систем, така и високото образование треба да се преуреди од основа. Нашиот Универзитет беше расадник на реакционерни фашистички и великобугарски идеи. Тешко можеше на Универзитетот да влезе прогресивен професор. Ако по некој случај се случеше тоа, против него се покренуваше бесна хајка од неговите колеги и во најдобар случај тој засекогаш замрзнуваше на своето асистентско место. Меѓу прогресивните студенти професорското тело секогаш дејствуваше согласно со фашистичката полиција. Јасно е дека мнозинството од универзитетските професори цврсто проткаени со фашистички сфаќања се непогодни да бидат носители на прогресивната и демократска наука на здрав научен светоглед“ и затоа се бара „прочистување на универзитетските дисциплини од сите фашистички, великобугарски, схоластички и секакви ненаучни реакционерни елементи и се бара:

„1.Веднаш да се отстранат од Универзитетот сите професори фашисти. Отстранетите за ограничен број на семестри да се пензионираат засекогаш;

8.На високообразовните институциии да не им се дозволува пристап на фашисти-ратници, легионари и сл. како синови и ќерки на активно пројавените родители фашисти“.

Исто така, од секторот „Народна просвета“, кој бил формиран при оделот „Агитација и пропаганда“ се барало менување на содржината на учебниците во сите степени на образование при што во „новото училиште историјата станува основен предмет за изучување на општествениот развиток и ќе има најголемо значење за формирањето на светогледот на младите…Неаучниот метод особео е очигледен при изучувањето на општествениот развиток. И тука фашизмот стигна до врвот. Ете на пример „научното“ Хитлерово објаснување за светската војна: германската раса е предопределена од судбината да владее над останатите народи. Хитлер е пратеник од Бога. Тој не греши, бидејќи е надарен со шесто чуло, интуиција итн. „Идеите“ на нашите бугарски хитлеристи по ништо не се разликуваат од тие на нивниот учител. Бугарскиот народ исто така има предодредена мисија на Балканот, како Хитлер во Европа…“.

Чин без преседан

И уште нешто. Народниот суд во Бугарија, кој заседавал во периодот од декември 1944 до април 1945 година, одржал 135 судски процеси со 11.122 обвинети од кои на смрт биле исудени 2.730 души (меѓу кои 3 регенти, 22 миистри, 8 царски советници, 67 пратеници, 47 генерали и полковници), на доживотен затвор 1.305 души, на затвор од 20 до 1 година 4.312 души и 808 условно. Дневно биле изрекувани по 18 смртни казни и по 8 доживотни.

Да не спомена некој „Македонско крваво коледе“?! Сигурно дека не биле осудени затоа што биле „ослободители и администратори“ во окупираните територии, туку затоа што биле фашисти и го фашизирале бугарското општество.

Несомнено, процесот на дефашизација на бугарското општество по Втората светска војна само го потврдува историскиот непобитен факт дека Бугарија била целосно на страната на фашизмот и уште повеќе, дека, во случајот, целиот образовно-воспитен систем, од основното до високото образование во Бугарија, бил поставен на фашистичка основа.

Обидот, денес, како членка на ЕУ да се амнестира од сопственото минато е чин без преседан.