Претседателката Гордана Сиљановска Давкова ја продолжува посетата на Берлин, Сојузна Република Германија, каде што учествува на Конференцијата за обнова на Украина.
На конференцијата, чии домаќини се германскиот канцелар Олаф Шолц и украинскиот претседател Володимир Зеленски, учествуваат шефови на држави и влади, претставници на меѓународни организации, на бизнисот и на граѓанскиот сектор.
Сиљановска Давкова вчера се обрати на главниот панел за шефови на држави и влади на којшто говореа и домаќините на конференцијата, германскиот канцелар Олаф Шолц и украинскиот претседател Володимир Зеленски, а свое обраќање имаше и претседателката на Европската Комисија, Урсула фон дер Лејен.
На главниот панел присуствуваа и претседателите и премиери од Холандија, Норвешка, Финска, Литванија, Молдавија, Естонија, Босна и Херцеговина, Црна Гора, Грузија.
Претседателката Сиљановска Давкова во своето обраќање рече дека по Втората светска војна, Маршаловиот план, меѓу другото, беше израз на солидарност кон разрушената Европа, а денес, како што нагласи, е неопходен нов вид Маршалов план за разрушената Украина.
Според претседателката, неопходно е инвестирање не само во патната и во енергетската инфраструктура, туку и во човечката, образовна, социјална и нормативна инфраструктура.
На сесијата, позитивно била оценета постоечката заедничка европска позиција дека треба да продолжи сеопфатната помош за Украина.
Конференцијата е продолжение на серијата годишни настани на високо ниво посветени на брзо закрепнување и долготрајна реконструкција на Украина, по почетокот на руската воена агресија. Клучна цел на настанот е да се обезбеди континуирана меѓународна поддршка за обнова, реконструкција, реформи и модернизација на Украина, соопшти Кабинетот на претседателката Сиљановска Давкова.
Comments are closed for this post.