Бугарија во преговорите со владата на Ковачевски настојува максимално да ја понижи Македонија поставувајќи максималитички барања кои директно задираат во македонскиот идентитет и во неговата посебност.
Како што дознава „Пресинг ТВ“– Ковачевски, Османи и Петков преговараат какви да бидат формулациите во новиот договор за македонскиот јазик и народ и како тоа во јавноста да биде „продадено“ како успех.
Начелно е веќе договорено Бугарија да го признае македонскиот јазик, но само како уставна категорија и тоа според Уставот на Република Македонија донесен на 17 ноември 1991 година.
Во договорот нема да биде наведено на кој јазик говорел народот на овие простори пред 91-ва година, што е уште полошо од Декларацијата што во 1999 година ја потпишаа тогашните премиери Љубчо Георгиевски и Иван Костов.
Ништо подобра за Македонија не е ни формулацијата за македонскиот народ. Ковачевски се согласил тој да биде признаен од 1945 година,односно со влезот на Македонија во тогашна Југославија.
До 45-та година Македонците ќе се сметаат дека биле дел од бугарскиот народ.
Но, тоа не е се. Бугарија во целиот пакет бара Бугарите да влезат во македонскиот Устав и тоа да биде направено во најскоро време за власта во Софија го крене ветото и Македонија ги почне преговорите со ЕУ.
Дека ова е еден пакет вчера потврди и шефот на дипломатијата Бујар Османи кој призна дека негово е барањето да има еден сеопфатен, нов документ со кои ќе се затворат сите политички прашања со Бугарија.
Понизноста на Ковачевски оди дотаму што тој самиот ќе бара од ЕУ влезот на Бугарите во Уставот да стане европски критериум, иако знае дека тоа не е работа на Владата туку на Собранието и тоа со двотретинско мнозинство. За признавање на Македонците во Бугарија нема да стане ни збор.
Затоа ВМРО-ДПМНЕ смета дека не е најважното прашање дали бугарите ќе влезат во Уставот туку дека се потребни цврсти гаранции за македонскиот јазик и народ. Нив во моментов може да ги обезбеди само официјален Брисел.
По овие прашања, лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски е јасен. Тој бара гаранции од ЕУ и Бугарија дека македонскиот јазик е различен од бугарскиот.
Мицкоски бара Брисел да биде гарант за македонскиот јазик и за македоскиот народ, но и дека Бугарија нема да не блокира во текот на преговорите.
Доколку сево ова е исполнето ВМРО-ДПМНЕ може да разговара за давање поддршка за вметнување на Бугарите во Преамбулата од Уставот. Во спротивно поддршка од опозиција нема да има.
Comments are closed for this post.