Премиерот Зоран Заев денеска од Прилеп aпелираше сите граѓани да се вакцинираат против ковид-19. Ова е, рече, важна работа зашто само на тој начин ќе го заштитиме нашето здравје и ќе ја победиме пандемијата.

До сега, истакна Заев, вакцинацијата тече со предвидената динамика, но, како што бил информиран од министерот Филипче, 20 отсто од пријавените повозрасни граѓани не се јавиле на пунктовите.

Премиерот ја соопшти и динамиката на пристигнување на останатите количини вакцини во април и мај.

-Според последниот допис што го имаме, до крајот на април ќе стигнат 200.000, сите како цела количина. Нема да стигаат како другите со по три, осум, 20 или како се најавени. Јас уште еднаш да кажам дека почна вториот квартал, а во вториот квартал еве и „Фајзер“ ги најави 80.000 вакцини дека ќе стигнат. Тие ќе бидат поделени на седмици или на десетина дена како што ќе дојдат. Овој месец ќе стигнат вакцините од ЕУ. Од 651.000 за Западен Балкан, некаде околу 100.000 се за нас и ги очекуваме првите 20.000 или 25.000 да стигнат во април, па понатаму очекуваме на секои 15 дена да стигаат. Спутниковите следни количини ги очекуваме исто така во април да стигнат. Уште една количина до 100.800 вакцини очекуваме да ни стигнат од Ковакс механизмот. Стигнаа 24.000, значи 76.800 ги очекуваме до крајот на април месец. Сите овие 78.100 голем дел веќе се нормално искористени кај нашите здравствени работници, коишто до сега беа вакцинирани. Сите овие вакцини ни даваат право да веруваме за комплетниот континуитет, рече Заев по пуштањето во употреба на модуларната болница во Прилеп.

Тој потсети дека салата „Борис Трајковски“ во Скопје веќе се подготвува за масовна вакцинација.

-Знам дека министерот за здравство и неговиот тим вчера донесовме одлука на Владата синоќа ја спремаат „Борис Трајковски“ во Скопје заради тоа што една третина од населението ни живее во главниот град и тука навистина треба да направиме се што можеме час поскоро да имунзираме односно да вакцинираме. Она што изненадува и не боли е што пријавените сите, односно тие што се над 75, 77 години се хронично болни, 20 отсто не се јавија на пунктовите. Апелирам да се јават сите, да ја примат вакцината, ова е важна работа, само на тој начин ќе го заштитиме нашето здравје, само на тој начин ќе ја победиме пандемијата, исткна премиерот, одговорајќи на новинарски прашања.

Заев уште еднаш изрази задоволство од српската поддршка.

-Тоа беше важно и посебно бев благодарен за интервенцијата на претседателот Вучиќ и српското раководство, а со тоа и на српскиот народ нормално, да токму сега ги даваат овие два пати по 20.000 вакцини за да кога почнуваме со 24.000 „Астра Зенека“ што минатиот викенд стигнаа да направиме комплетен континуитет без какви било задршки, рече Заев.