Се отвара ли нов „фронт“ меѓу Македонија и Бугарија, но сега директно во американскиот Конгрес?, анализира „Пресинг ТВ“

Ова прашање се наметнува неизбежно, по најновата реакција на Македонската патриотическа организација (МПО) од САД, а во врска со најавениот „Месец на македонското американско наследство“, што треба да се одржи во септември годинава, во знак на одбележување на историјата, обичаите и културата на македонските Американци и нивниот придонес во развојот на САД.

Соопштението на МПО е испратено само до агенцијата БГНЕС и според него, евидентно е дека се прави обид да се украде целата идеја и настан, а како основа за тоа се користи македонскиот јазик. Предлог-резолуцијата за Месецот на македонското американско наследство е поднесена до Претставничкиот дом од страна на демократот Брендон Бојл од Пенсилванија. Иницијативата е поднесена на разгледување пред Комисијата за надзор и реформи и таа треба да процени дали ќе ја внесе во пленарната сала.

„Нашите американски предци пред 1945 година беа Македонци и се дефинираа како „Македонци“, но го користеа терминот „МАКЕДОНСКИ БУГАРИ“ или „Бугарски Македонци“ за да се разликуваат од другите етнички групи во Македонија. Пред Втората светска војна, „македонски“ не беше етнографски, туку географски поим, а огромното мнозинство Македонци пред 1945 година се изјаснуваа како македонски Бугари.

Кога во сегашната резолуција на американскиот Конгрес се споменува „македонскиот јазик“, се игнорираат огромното мнозинство Македонци кои зборуваат бугарски, кои придонеле за големината на Америка. Оваа резолуција ги признава само етничките Македонци од минатото и сегашноста, кои, сепак, никогаш не биле вистински фактор сè до Втората светска војна“, се вели меѓу другото во обраќањето до Конгресот на САД на Централното раководство на МПО во САД.

Во одредени медиуми МПО се претставува како најстара и најважна македонска и бугарска политичка организација во Америка и како доследна на идеалите на Гоце Делчев, Тодор Александров и Иван Михајлов. Што е интригантно, соопштението на МПО се сведува на „реакција на обидот да се донесе резолуција од проскопските кругови во САД за славење на „македонски идентитет“ различен од бугарскиот“.

„Како македонски Американци, ние сме задоволни да ја видиме резолуцијата на Конгресот (House Resolution 741), со која се предлага септември 2022 година да биде прогласен за Месец на македонското американско наследство. Идејата за почит кон македонските Американци е добра, зашто многу бивши и сегашни членови на нашата македоска американска дијаспора реално дале „вреден придонес“ за квалитетот на живот во Америка.

Меѓутоа, реално се јавува проблем со формулацијата на резолуцијата, зашто го вклучува изразот „чествување на македонскиот јазик“. Употребувајќи го „македонскиот јазик“, резолуцијата целсно го пренебрегнува придонесот на македонските Американци, кои емигрирале во Америка пред Втората светска војна, и придонесот на нивните потомци, родени во Америка, кои се идентификувале и продолжуваат да се идентификуваатг како бугаро-јазични Македонци. „Македонскиот јазик“ е дел од новиот етнички македонски идентитет, кој станува видлив дури по Втората светска војна со создавањето на етничката македонска држава во рамките на југословенската федерација…

…Накратко, има два македонски идентитета-македонско-бугарски и етнички македонски идентитет. Вашата резолуција би го признала само оние, кои се идентификуваат како етнички Македонци,зашто се повикува на „македонскиот“ јазик.

Формулацијата на резолуцијата треба да биде изменета. Повикувањето на „македонскиот јазик“ треба или да се отфрли или да се додаде појаснување за двата македонски идентитета.

За членовите на МПО, кои веруваат во својот бугарско македонски или македонско-бугарски идентитет, отфрлањето на терминот „македонски јазик“ би било важно, зашто бугарските Македонци речиси секогаш се нарекувале едноставно Македонци. Така што сметаме дека една изменета варијанта на споменатата фраза, што би ја прифатиле двете страни, би можела да биде следната: Изразувајќи поддршка за прогласувањето на месец септември 2022 година за „Месец на македонското американско наследство“ и за одбележување на историјата, обичаите и културата на македонските Американци, кои се идентификуваат како етнички Македонци или како Македонски Бугари, и одбележување на нивниот придонес кон Соединетите држави“.

Зачувувањето на фразата во сегашната форма би било „шамар в лице“ на огромното мнозинство од нашите македонски претци и основачи и поддржувачи на МПО, кои во САД дошле пред Втората светска војна и се идентификувале како македонски Бугари!

Ве молиме да размислите за преформулирање на резолуцијата за да може септември 2022 година навистина да биде Месец на македонското американско наследство за сите Македонци, независно од нивниот идентитет, се вели во обраќањето на МПО.