Собранието попладнево со мнозинство гласови ја усвои потребата од донесување на измените на Кривичниот законик по скратена постапка, чии предлагачи се неколкумина пратеници од владиното мнозинство. Откако беа повлечени спорните измени на членот 354, мнозинството ќе расправа за измени на членот 275-в кој се однесува за злоуптреба на постапката за јавен повик, доделување на договор за јавни набвки или јавно -приватно партнерство. Измените се во ставот 3 во кој се намалува затворската казна од 5 на 4 години. Тој гласи:

„Ако сторителот со извршување на делото од ставот 1 на овој член остварил за себе  или за друг имотна корист од поголеми размери, ќе се казни со затвор од најмалку 5 години“.

Сега се менува на „4 години“.

По ова ќе заседаваат собраниските комисии каде ќе бидат разгледани предлозите.

Координаторот на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Мицевск рече дека пратениците се збунети и не знаат кои измени се повлечени, а кои се предлагаат.

„Барањето за измени на Кривичниот законик е поднесен па повлечен три пати од вчера до денес. Барам да ни објасните за кои измени треба да гласаме, затоа што пратениците не знаат веќе кој предлог е повлечен, а кој не е“, рече Мицевски.

На тоа претседателот на Собранието, Талат Џафери, одговори дека предлагачот има право да повлече предлог според процедурата.

Измените се предложени од пратенците Артан Груби, Снежана Калеска Ванчева, Соња Мираковска, Лидија Тасевска и Весел Мемеди.