Во собраниска процедура од денеска се очекува да влезе извештајот на Советот на јавни обвинители за разрешување на специјалната јавна обвинителка Катица Јанева, која е во притвор за случајот „Рекет“.

Новоизбраниот претседател на Советот, Ацо Колевски потврди дека уште во четвртокот до законодавниот дом бил испратен извештајот дека се исполнети условите за почнување постапка за разрешување на Јанева.

По разгледувањето на извештајот, Комисијата за избори и именувања најверојатно на Собранието ќе му предложи разрешување на Јанева, по што треба да се закаже пленарна собраниска седница, а ако овој предлог биде прифатен и од Собранието, Советот на јавни обвинители ќе треба само да ја потврди таа одлука.