Голем пожар го зафати денеска Липково во подрачјето на селата Слупчане, Белановце и Алашевце. Дирекцијата за заштита и спасување (ДЗС) интервенираше со воздухопловна поддршка. Со 20 летови беа исфрлени 50 тони вода со што, како што соопшти вечерва, е спречена катастрофа од поголеми размери.

Досега повеќепати апелиравме до населението во државава да биде совесно и да избегнува намерно или случајно палење оган, бидејќи не само што е прерано за волку пожари во овој период од годината, туку не е во ред да се уништува животната средина и да се става во ризик животот на населението за лична цел и бенефит на поединци, наведува ДЗС.

Дирекцијата апелира и до сите релевантни копнени служби повеќе да се заложат во гаснење на пожарите, бидејќи тие се примарна сила за справување со нив, а воздухопловите, нагласува, се за поддршка, не како основно средство за гаснење на пожари.

Зголемен бројот на пожарите во Дебарско

Бројот на пожарите во Дебарско е рапидно зголемен. Само вчера, Територијалната противпожарна единица интервенирала во гаснење на три големи пожари.

Пожарите беа во атарот на селата Коњаре и Бомово, како и покрај брегот на Дебарско Езеро. Во селата гореше мешана шума, костенов насад и сува трева. Со максимална ангажраност успеавме навреме да го ставиме под контрола пожарот во Коњаре, каде имаше опасност да биде зафатена викендица. Пламените јазици вчера однесоа во неповрат дел од боровата шума покрај брегот на езерото, вели командирот на дебарската ТППЕ, Џетан Мифтароски.

Боровата шума покрај езерото е засадена пред неколку децении од дебарските гимназијалци во доброволни акции.

Во текот на месецов дебарските пожарникари гаснеле 30 пожари, сите на отворен простор, во атарите на дебарските погранични села, додека лани во март биле регистрирани девет пожари.

Соочени со зачестени пожари во шумските појаси и ниви, како и на други површини на отворен простор, надлежните го повторуваат апелот за поголема внимателност на граѓаните при вршење одредени земјоделски активности и при прошетка во природа.

Активни три пожари во Светиниколско

Во светиниколскиот регион во моментов беснеат три пожари.Командирот на Територијаланата противпожарна единица (ТППЕ) Свети Николе Кирил Колев за МИА вели дека во населбата Бел Камен, место викано Крушки, во близина на Свети Николе изгоре викендичка, а на површина од 20 хектари изгореа и нискостеблеста шума и багрем.

Пожарот е предизвикан од запалено стрниште, додека да пристигнеме викендичката веќе беше зафатена. Во моментов пожари има и над селата Милино и Кадрифаково, каде гори сува трева и шума. Сите пожарникари се на терен. Во моментов ни се расипаа и противпожарните возила. Едното е на поправка и чекаме да го ставиме во функција. Помош имаме од вработените во „Македонски шуми“, изјави Колев.

Тој забележува дека трите пожари почнале во исто време, точно на пладне, а во моментов се бараат и трактори што ќе направат бразди на земјиштето кое гори во близината на селата Милино и Кадрифаково со цел да не се шират пожарите.

Колев истакна дека земјоделците од февруари па се до денеска намерно ги палат стрништата со што предизвикуваат големи штети и на останатите земјоделски култури, а тие како Противпожарна единица постојано се на терен со старата опрема и возила