Софија очекува Скопје да го брани правото на секој граѓанин на слободно самоопределување. Ова е став на бугарското Министерство за надворешни работи по повод, како што се наведува, честите манифестации на говор на омраза и дискриминација во Македонија.

Вицепремиерот и министер за надворешни работи Екатерина Захариева го повикала заменик-шефот на амбасадата на Република Македонија во Софија Владимир Крастевски на разговор во Министерството за надворешни работи. На состанокот присуствувала и в.д. директорката на Дирекцијата за Југоисточна Европа Ива Крулева.

-Бугарските дипломати изразија длабока збунетост и разочарување од големата негативна кампања во Република Македонија против претставникот на Скопје на Евровизија 2021 година, Васил Гарванлиев. Бугарија ќе продолжи да ги вложува сите неопходни напори во согласност со принципите на меѓународното право за да ги заштити правата на бугарските граѓани и граѓаните кои прогласуваат бугарски идентитет, каде било во светот, соопшти бугарското Министерство за надворешни работи.