Сто и четириесет лица се пријавени за денешното традиционално спуштање на крстот во реката Вардар, што ќе се одржи во центарот на Скопје по повод Богојавление – Водици. Спуштањето на крстот во водите на Вардар ќе биде напладне од мостот кај хотелот „Холидеј Ин“ и ќе го изврши поглаварот на МПЦ-ОА г.г. Стефан. Претходно, архиепископот г.г. Стефан во 9 часот ќе богослужи Златоустова литургија во црквата „Рождество на Пресвета Богородица“, а во 11:45 часот богојавленски литии ќе се упатат кон местото каде ќе се одржи традиционалната верска манифестација.

Воведен е и посебен сообраќаен режим. Од 10,00 часот па до завршувањето на манифестацијата по повод Водици, во центарот на Скопје за сообраќај ќе бидат затворени улиците „Филип Втори“ до булеварот „Гоце Делчев“ и улицата „Кеј 13-ти Ноември“ до булеварот „Кочо Рацин“.

Во општината Ѓорче Петров од 10,00 часот за сообраќај ќе бидат затворени сообраќајницата од црквата „Свети Петар и Павле“ десно по булеварот „Партизански Одреди“, десно по улицата „Ѓорче Петров“, лево по улицата „Васил Чакаларов“, како и од црквата „Свети Пантелејмон“ по улицата „Демир Трајко“ и лево по улицата „Васил Чакаларов“ до Железничкиот мост на реката Вардар.

Во општина Аеродром од 10,00 часот за сообраќај ќе биде затворен локалниот пат кон с. Лисиче.

Министерството за внатрешни работи апелира до граѓаните да ги почитуваат наредбите што ги издаваат полициските службеници.