МВР привела на информативен разговор потенцијални осомничени за вооружената криминална пресметка на „Рузвелтова“ во која две лица беа убиени, а едно беше тешко повредено.

Министерот за внатрешни работи, Оливер Спасовски информира дека собрани се и голем број материјални докази од местото на пукањето.

Спасовски очекува разрешница на случајот со двојното убиство во брзо време.

Престрелката се случи во петокот вечерта, пред зградата на СЈО на „Рузвелтова“, кога непозати напаѓачи пукале во возило во движење во правец кон улицата „Орце Николов“ во кое се наоѓале три лица.

Според извори од истрагата, врз возилото „сеат алтеа“ во кое биле трите лица пукале непознати сторители од возило во движење. На самото место на престрелката убиен бил 44-годишниот Наим Ајети,  а другите двајца Ферди Елезовски (1999) и А.П. (1969) со амбулантни возила ноќеска биле пренесени во Ургентниот центар, соопшти МВР.

На повредите од огнено оружје им подлегна и 47-годишниот А.П.

Неофицијално причина за класичната ликвидација се нерасчистени должничко-доверителски односи и меѓусебни закани меѓу довчерашни ортаци во нелегални бизниси.

Едното лице што почина во престрелката, Наим Ајети, е брат на познатиот скопскиот криминалец, Џелал Ајети – Џељо, кој беше, исто така, изрешетан во својата чајџилница во населбата Ченто пред пет години.