Бугарскиот премиер Кирил Петков денеска на заедничката прес-конференција во Софија со премиерите на Македонија, Црна Гора и Романија, Димитар Ковачевски, Здравко Кривокапиќ и Николае Чука, рече дека Историската комисија го известила дека е постигнат напредок за важни историски личности во разговорите со Скопје за надминување на разликите.
– Комисијата за историја ме извести за некои важни историски личности и нивниот третман. Ќе ви дадам некои детали. Дојдовме до напредок по тие прашања, на многу конструктивен и реалистичен начин којшто ни отвора можност за забрзување на нашите преговори. Секако ќе ми треба прво да добијам јас и моите коалициони партнери целосен извештај од Комисијата, но штом добиеме извештај тоа ќе оди многу брзо, рече Петков.
Тој оцени дека се интензивира дијалогот со Македонија и во следните неколку седмици очекува да се забрза.
– Работиме вредно, имаме состаноци и се надевам дека во следните неколку недели ќе забрзаме. Исто така сакам да кажам и дека имаме добри вести за дел од билатералните средби меѓу различните министерства. Како што знаете, постојано потпишуваме меморандуми. Имам добри вести и за Комисијата за историја. Некои работи што беа тешки да се надминат сега изгледаат како да имаат реални можности за надминување. Мислам дека мојот одговор ви ги покаже моите намери да постигнеме резултати што е можно побрзо. Оптимистичен сум за целиот процес, оптимистичен сум дека ќе постигнеме се што зацртавме со Димитар што е можно поскоро, оцени Петков.
Бугарскиот премиер додаде дека заедно со Ковачевски поставиле неколку одредници што треба да бидат остварени, а коишто биле дискутирани на претходните средби, порачувајќи дека Македонија припаѓа во семејството на ЕУ и тоа што е можно побрзо.
– Нашата Влада сака да го постигне овој резултат што е можно побрзо. Како што сите знаеме, имаме неколку одредници што треба да ги постигнеме, како и заштитата на правата на малцинствата, ова го дискутиравме и претходно. Во блиска координација сме со европските партнери коишто често служат како трета страна во овие преговори и очекуваме заедно да работиме кон преговорите и сигурен сум дека, се надевам дека наскоро ќе го постигнеме тоа. Имаме заедничка цел и секако го поддржувам фактот дека со оваа криза што ја имаме со војната во Украина Западен Балкан треба да биде што е можно постабилен, а добар дел од патот кон оваа стабилност е токму пристапувањето на … Македонија и на Албанија, истакна Петков.
Во однос на заедничката Историска комисија, Ковачевски од своја страна рече дека историчарите работат независно од политичкиот дијалог и од другите работни групи што работат на други прашања.
– На нашиот состанок тука во Софија, токму во оваа просторија, тие беа тука и кажаа дека ќе ја забрзаат својата работа и штом дојдат до заклучоци врз основа на нивната историска методологија тогаш можат да ја споделат со другите, рече Ковачевски.
Посочи дека се интензивира комуникацијата со Софија, како од институционална перспектива, така и од перспектива на граѓаните.
– Имаме практични проекти од перспектива на компаниите и институциите во земјите, како и од перспективите на граѓаните. Имаме подобрена комуникација меѓу нашите образовни институции. Веќе имаме оперативна авионска линија меѓу Софија и Скопје и нашите министри работат на инфраструктурни проекти коишто ги поврзуваат двете земји. Во врска со политичките прашања министерствата за надворешни работи на двете земји работат и се на ниво на размена на идеи и документи, но се уште нема конечен документ за којшто сме договорени и штом се случи тоа тогаш можеме да го споделиме со релевантните институции во двете земји, рече Ковачевски.
Премиерот оцени дека комуникацијата меѓу две соседни земји мора да се заснова на вредности на соработка на европски вредности, на заемно разбирање и доверба, како и почит и ова е начинот на којшто две соседни земји треба да комуницираат меѓу себе.
– Овој наратив којшто доминира и којшто е поставен меѓу двете министерства, меѓу двете влади како секогаш ќе има мали маргинализирани групи коишто нема да сакаат овој дијалог да оди во добра насока, но верувам дека сега имаме комуникација и имаме медиуми каде што доминираат вести на соработка, позитивни вести меѓу две земји коишто сега веќе можеме да видиме дека се случуваат, порача Ковачевски.
Извор: МИА
Comments are closed for this post.