Поранешниот директор на УБК, Сашо Мијалков, денеска во Кривичниот суд ја даде својата одбрана како обвинет во случајот “Плацевите на Водно”.

Тој рече дека одговорно тврди дека не е виновен, дека не прикривал имот на Никола Груевски и дека во целата постапка се чувствувал како њабљудувач, бидејќи за него не видел ниту еден материјален или вербален доказ.

На почетокот кажа дека ќе дава одбрана, но апелираше судијата Илија Трпков најголема доверба да поклони на фактичката состојба, а не толку на неговата и на изјавите на останатите обвинети, за коi тој рече дека имало невистини.

На прашање на неговиот адвокат, сепак кажа дека никому не дал ни упатство, ни совет, ни средства за да се исперат пари. Тој рече, ни според досегашната фактичка состојба, никаде нема доказ дека тоа тој го сторил.

-Никогаш од мене и не побарал некој да му помогнам да прикрие незаконски имот. Тоа само Александар Ивановски (Алек Теранова) го тврди, а нигде не видовме доказ за тоа, негираше Мијалков.

На следно прашање, дали отстапил офшор компанија за да се поминат паричните средства на Груевски кои се од кривично дело, одговори:

-Не сум знаел за нелегални пари. Не сум имал допирна точка до партиската каса. Никој не спомнал дека недостасуваат толку многу пари. Толкав износ да снема, а никој да не забележи? Не ми е верно мене тоа, кажа Мијалков.

За офшор компанијата сувишно е да зборам. Си кажаа тука кој ја отворил, чија била, кај ја однел… мене никој не ме спомна. Да имав јас врска, тука ќе имаше докази дека имам поврзаност со офшор компанијата, додаде Мијалков.