Претседателот Стево Пендаровски ги нарече лага и гола конструкција последните тврдења на бугарскиот претседател Румен Радев дека во Македонија биле убиени 10.000 Бугари по Втората светска војна.
Бројката од наводно убиени 10.000 Бугари е лага, гола конструкција за политички цели. Не постои ни еден релевантен историски извор, ни во бугарската, ни во македонската, ни во светска историографија дека 10.000 луѓе биле убиени во концентрациони логори во тоа време кај нас. Нешто што може да влезе во таа дефиниција на концлогор постоело во Хрватска на Голи Оток. На територијата на Македонија никогаш немало конц логори ни тогаш, ни денес. Две години повторувам – ако во однос на овој спор се концентрираме предоминантно на решавање на историските контроверзи никогаш нема да се договориме. Ако се концентрираме на она што е вистински реален критериум за влез во ЕУ- корупцијата, владеењето на правото, борба за човекови права и слободи – брзо ќе дојдеме до заеднички прифатлива солуција. Историјата на историчарите, актуелните проблеми денес. Ние не сме избрани на избори за да решаваме кој која националност бил во време на Самуиловото царство туку да ги решаваме проблемите на граѓаните сега – реплицираше Пендаровски на Радев.
Тој даде оценка и за улогата на Ванчо Михајлов и дали е европско однесување цел бугарски државен врв да го слави тука во Скопје.
Постојат потврдени историски факти и извори, што не ги спори ни бугарската историографија, дека Ванчо Михајлов бил соработник на Хитлер. Во 1944 година, по негова директна инструкција, доаѓа во Скопје во обид да воспостави независна македонска држава. Кога не добива поддршка од локалното население, репортира назад во неговиот шеф во Берлин дека тоа не е можно, така што само тоа е доволно да го прави фашист. Во однос на квалификациите дали нацистите морале да убиваат луѓе за да бидат нацисти ќе речам дека, ако си следбеник на таа идеологија, си нацист, ако ја користиш како во неговиот случај за остварување за сопствени политички цели – си нацист. Ванчо Михајлов бил неспорно корисник и следбеник на нацистичките идеи во тој период – порача Пендаровски.
Во спротивно, додаде тој, би би зборувале за воен злосторник.
За барањето на Софија Бугарите да се внесат во Уставот, Пендаровски одговори дека како ретко за што има политичка волја и кај власта и кај опозицијата да се прифати тоа, но останува прашањето за тајмингот и која е гаранцијата дека некоја идна бугарска влада повторно нема да бара промена на Уставот и други политички барања. Затоа, порача тој, еден од начините тоа да се реши е можеби преспанската формула, што знаќи инаку таква отстапка да се направи откако Македонија ќе влезе во ЕУ.
Гостинот, претседателот на Летонија, Егилс Левиц, пак, јасно посочи дека ваквите прашања немаат ништо со критериумите за започнување преговори на една земја со ЕУ.
Ако ја погледате мапата на ЕУ ќе видите многу точки каде има разлики за историјата, не само тука. Но, ЕУ не е надлежна да ги решава, па ни да дискутира за тие ист прашања. Историските спорови треба да се ставатнастрана бидејќи сегашниот не е вистински контекст за тоа. Историските разлики не треба да се причина да се оспори капацитетот на земја кандидат да продолжи на патот кон ЕУ. Тоа е нашата позиција, а сметам дека е и на ЕУ – рече Левиц.
Comments are closed for this post.