Преку учество на илјадници свои припадници во меѓународни операции, вежби и обуки покажавме дека можеме да бидеме интероперативни со армиите на сите партнерски земји и да ги исполнуваме обврските да придонесеме во колективни системи на одбрана и безбедност, истакна шефот на државата Стево Пендаровски во Охрид по повод Денот на армијата.

Патот кон НАТО е изоден преку макотрпни реформи, лични вложувања и максимална посветеност на генерации и генерации припадници на вооружените сили. Оваа стратешка цел е еден од најголемите кохезиони фактори во нашето општество, поддржан од широк национален консензус зад кој стојат сите релевантни политички партии, огромното мнозинство граѓани од сите етнички заедници, а силна поддршка даваат и невладиниот сектор и бизнис-заедницата.

Реформите во одбраната и во безбедноста се постојан процес и ние ќе продолжиме со нив и по членството во НАТО. Како врховен командант секогаш ќе давам поддршка за опремување и модернизација на Армијата, подобрување на условите за живот и работа и издвојување 2% од БДП за одбранбен буџет-истакна претседателот.