Модернизацијата на Армијата и обезбедувањето европски услови за македонските војници, ќе биде врвен приоритет во мојот мандат како иден врховен командант, порача денеска кандидатот за претседател на државата од СДСМ и Коалицијата, Стево Пендаровски.

„Мојата цел ќе биде континуирано зголемување на буџетот на Армијата и обезбедување НАТО стандарди за нашите војници. Ова ќе значи и создавање  услови за нив достоинствено да ја бранат нашата татковина“, изјави Пендаровски на денешната прес-конференција.

Тој посочи  дека веќе се започнати процесите на модернизација и како што рече, во соработка со Министерството за одбрана само ќе ги поддржи и забрза.

„Посебен фокус ќе ставам на проектите и реформите кои се однесуваат  на покачување на платите, домувањето, но и мерките за поддршка на припадниците на Армијата по нивното пензионирање од активната служба. Особено внимание ќе посветам на именувањето на искусни и квалитетни кадри на позициите од суштинско значење за безбедноста на земјата“, потенцира Пендаровски.

При именувањето на началникот на Генералштабот и генералите во Армијата, додаде, секогаш ќе се води од нивните професионални достигнувања.

„Во Агенцијата за разузнавање активно ќе учествувам во реформата на  безбедносниот систем на нашата држава согласно со стандардите на најразвиените демократски земји“, рече Пендаровски и нагласи дека обезбедувањето на независен и ефикасен систем за безбедност мора да биде врвен приоритет на Владата и претседателот на државата.

Посочи дека никогаш повеќе нема да дозволи да бидат злоупотребени Агенцијата за разузнавање и нејзини делови.

„Советот за безбедност, кој досега целосно беше занемарен од актуелниот претседател, ќе го свикувам редовно и во него ќе учествуваат реномирани експерти од областа на безбедноста, но и претставници на власта и опозицијата“, потенцира Пендаровски и додаде дека националната безбедност не смее и нема да биде жртва на партиските и политичките интереси на поединци.