По првата рунда пристапни преговори за членство во НАТО, националниот координатор за НАТО, Стево Пендаровски, изјави за МИА дека е пресметана стапката на македонскиот придонес во буџетот за НАТО, откако таа ќе стане членка на Алијансата.

– Нашата формула е 0,0721 отсто од буџетот на НАТО. Ќе ме прашате колку е тоа. Треба прво да видиме колку е буџетот на НАТО, затоа што зависи од контрибуциите на сите 29 земји членки. Меѓутоа нашата контрибуција не би требало поголема од 600 илјади – 700 илјади евра. Гледајќи според последните компаративни примери на Црна Гора и Хрватска, кои тука се плус минус слични со нас по големина и со економиите, изјави Пендаровски.

Точната сума сѐ уште не е позната, но не се очекува да биде поразлична од проекциите меѓу 600 и 700 илјади евра и ќе биде позната на крајот на фискалната година. Формулата се базира брз калкулации на Светската Банка поврзани за големината на државата и нејзиното БДП, објасни Пендаровски.

Што се однесува до македонскиот буџет за одбрана, Македонија преземала обврска до 2024 година да ја зголеми буџетската стапка посветена на одбраната на два отсто. Моментално таа изнесува околу еден отсто.

– Ние сме на еден процент БДП. За жал сме биле пред повеќе од десет години на повеќе од два отсто, што е НАТО стандард. Сега сме на околу еден процент. Меѓутоа заложбата на владата е впишана во документ и тоа им го предочивме на луѓето во НАТО и тие беа задоволни бидејќи само пет шест држави го исполнуваат критериумот од два проценти од БДП, рече националниот коориднатор.

За критиките во јавноста дека Македонија нема потреба да одвојува толкава стапка за одбрана Пендаровски одговара дека и тој „би сакал да не издвојуваме пари воопшто за одбрана или безбедност, меѓутоа тоа не е возможно“.

– Светот се соочува со нови и стари безбедносни закани и најголемите држави во светот, Америка, Кина, Русија, не можат сами да се спротистават на тоа, камо ли држава со мали ресурси и мало население како Македонија. За жал тоа е нужноста, не живееме во идеален свет.

За крај тој апелира до патриотската свест на пратениците во македонското Собрание кои деновиве треба да гласаат за потребните уставни измени.

– Да ги затвориме прашањата „дали ќе нѐ биде“, „што ако има опасности, кој ќе нѐ брани, со кого заедно ќе се браниме“. Се надевам дека таа патриотиска свест треба да проработи кај сите пратеници бидејќи ова е да се биде или не, не во смисла на катастрофични сценарија, туку зошто да не бидеме дел од нормалниот, развиениот, демократскиот свет кога веќе ни се дава таа шанса?, порача Пендаровски.

Овие два дена Македонија заедно со тимовите на НАТО води преговори по пет поглавја на услови за влез во Алијансата. Овие преговори се однесуваат како на политичките критериуми, така и на воените и финансиските.

Македонскиот тим вели дека преговорите се одвиваат брзо и ефикасно и дека тоа се должи на фактот што Македонија е ангажирана во НАТО процесот речиси дваесет години.