Претседателот на Македонија и врховен командант, Стево Пендаровски, денеска потпиша укази за разрешувања, поставувања и отповикувања во Армијата на Македонија. Со нив, тој практично постапи по одлуката на Државната комисија за спречување на корупцијата, која утврди дека поранешниот претседател на државата, Ѓорге Иванов, со донесените укази за поставувања во Армијата на 25 февруари 2019 година, за време на изборниот период сторил дејствија што се забранети за време на изборниот процес и со тоа  прекршил одредби од Изборниот законик и Законот за спречување на корупција и судир на интереси.

Согласно новите укази на претседателот Пендаровски, нема деградирање, туку само  поместувања, што се во надлежност на врховниот командант.

Бригадниот генерал  Орце Јордев со указ се разрешува и се поставува за заменик на командантот на Здружената оперативна команда во Генералштабот на Армијата на Македонија. Бригадниот генерал Мирче Ѓоргоски е отповикан од воен претставник на Македонија при НАТО во Брисел, Кралство Белгија.

 Полковникот Драган Ковачки е разрешен од командант на Првата механизирана пешадиска бригада во Здружената оперативна команда во Генералштабот на Армијата на Македонија.

Полковник Бесник Емини е разрешен од началник на штаб во Здружената оперативна команда во Генералштабот на Армијата на Македонија и се поставува за командант на Првата механизирана пешадиска бригада во Здружената оперативна команда во Генералштабот на Армијата на Македонија.

Полковник Маријо Јуришиќ истовремено се отповикува и се поставува за одбранбено аташе на  Македонија во Париз, Република Франција.

Началникот на Генералштабот, Васко Ѓурчиновски, со указот од 25 февруари 2019 година беше унапреден од чин генерал-мајор во чин генерал-потполковник. Во Законот за одбрана нема законски основ за одземање на чин, освен доколку носителот на чинот е лично одговорен за определени противзаконски дејствија, како што се кривично дело или тешка дисциплинска повреда.