„Главата на криминалниот октопод е Зоран Заев, а власта залудно сака да ја индивидуализира одговорноста за криминалот на само неколку луѓе, вели лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски во интервју за Експрес потенцирајќи дека се работи за организирана група која вклучува луѓе од блиското опкружување на премиерот.

„Овие деновиве имаме неуспешна и панична операција на Власта да обезбеди „перење“ на сите учесници во криминалот, и намера целокупната одговорност да се локализира на двајца, до тројца личности. Но ќе им порачам дека тоа е залудно. Практично јасно е дека првообвинетиот не би имал никаква сила тоа да го прави за што се обвинува ако не се неговите блиски релации со компромитираното СЈО, но и со самата врхушка на власта. Не може да се заборави неговата блискост со лица од власта, ниту пак наклонетоста кон власта на медиумот чиј што неформален сопственик е тој. Но главата на тој криминален октопод не се овие обвинети, ниту пак самото СЈО кои се спроведувачи на директиви, туку отворениот сомнеж говори дека тоа е Зоран Заев лично, а пипците на таквиот криминален октопод се луѓето околу Зоран Заев и во дворот на неговата партија. Катица Јанева со дел од нејзините соработници се најверниот слуга на Зоран Заев, практично на телевизијата на сега првообвинетиот самиот Заев кажа дека Јанева и СЈО биле искрата надеж во правосудството, но видовме каква е таа искра на Заев, криминална, насилничка, неправедна, убиствена за правосудството“, вели Мицкоски за Експрес.

Тој прашува како може Заев да не знае кои се функционерите на СДСМ кои наводно биле исто така вмешани во скандалот.

„Мислам дека не ја говори вистината и многу добро ги знае, зошто тие се витален дел од криминалниот октопод. Од друга страна сиптмоматично е како не знае кои се Кики и Фрики ама под чудни околности па знае кој бил уценуван. Мислам дека на ваквите лаги веќе не поминуваат. Што се однесува до докази, информации или некои тврдења кои ги изнесов, па на кого да ги предадам, на ова Русковска обвинителство кое Катица не ја става во притвор, а Заев неформално го амнестира?, прашува Мицкоски.

Според него премиерот Заев е подготвен како што вели сите да ги пушти низ вода само за да се спаси себеси.

„И тие мистериозни Кики и Фрики кои се функционери од неговиот двор, па дури и самата Катица. Ова треба да го знаат и тие луѓе од неговото опкружување кои се ставени во позиција да ги одоброволуваат неговите политики и насоки, а кои се погласно коментираат дека целата таа работа страховито им бега од контрола и се урива како кула од карти. И нив ги опоменувам да внимават што прават да не се дозаглавуваат без оглед на тоа што имаат сега можеби добри примања и бенефиции, едноставно не вреди“, вели Мицкоски.