Претседателот нема да го коментира ставот на премиерот.

Ова е краткиот одговор од Кабинетот на претседателот Стево Пендаровски, што Пресинг Тв го доби по денешната изјава на премиерот Зоран Заев во интревјуто за агенцијата БГНЕС.

Во интервјуто, Заев отворено го девалвираше шефот на државата, велејќи дека тој „не бил внимателен со зборовите“ кога неодамна изјави дека „бугарската политика нема излезено од матрицата на Живковизмот“.

Згора на тоа, оградувајќи се од тврдењето дека “Бугарија е живковистичка држава“, премиерот Заев изјави:

-Верувајте, претседателот Пендаровски е пријател на Бугарија. Не е толку искусен политичар, како што е Зоран Заев. Нормално, затоа што работел со нашите претседатели Борис Трајковски и Бранко Црвенковски, беше национален координатор за НАТО во мојата влада. Тој е сериозен општественик и е ангажиран целосно на пријателството со нашите соседи и со Република Бугарија и секако на нашата интеграцијата во НАТО и ЕУ. Некој пат, верувам дека и јас, не само тој, не сме доволно внимателни со зборовите. Ви кажувам отворено, дека во неговата душа и неговиот памет, е комплетно желбата и сонот за големо пријателство, кое го имаме, но треба да го доизградиме и тој е голем поддржувач на договорот помеѓу Северна Македонија и Бугарија.

За изјавата на Пендаровски од 20 ноември, дека „актуелната бугарската политика, власт или опозиција сосема сеедно, нема излезено од матрицата на Живковизмот“, Заев додаде дека „тоа е исто како да кажете дека ние сме Титова Македонија или не знам Лазармојсова Македонија или не знам каква“.