Мораме да бидеме свесни дека сосема независно од кризата не смееме да потфрлиме во заштитата на работничките и работниците во услови на нивна изложеност и ризик на работните места, истакна претседателот Стево Пендаровски, кој денеска во Штип присуствуваше и се обрати на „Текстилијадата“, која се одржува четврти пат во организација на Здружението на граѓани на текстилните, кожарските и чевларските работници „Гласен текстилец“.

Пендаровски посочи дека пандемијата, особено негативно се одразила на преработувачката индустрија, како што се текстилната и кожарската, каде што се бележи значаен пад на бројот на ангажирани работници, но и не мали регистрирани прекршувања на работничките права.

„Оваа индустрија, во која над 80 % од вработените се жени, за жал, и покрај израмнувањето на минималната плата со другите индустрии, сѐ уште важи како една од индустриите каде што, споредбено со другите гранки, работничките и работниците примаат пониски плати и се соочуваат со потешки услови за работа. Во време на пандемија овие предизвици се уште повеќе нагласени и затоа потребата да се отворат и дискутираат овие важни аспекти во јавноста и да се предлагаат решенија за подобрување на состојбите е дотолку поголема“, рече Пендаровски.

Тој порача дека е важно е да продолжат заложбите и барањата за отчетност на институциите во справувањето со флагрантните кршења на Законот за работните односи. Потребно е да се алармира и да се спречува родово базираната дискриминација на работното место.

Во таа насока, како што исракна претседателот, потребна е соработка меѓу државата, бизнисот и граѓанскиот сектор, со цел секогаш кога ќе се појават прашања што се релевантни за работничкиот корпус на права, да има дебата и да се понудат решенија што не смеат да бидат на штета на работникот.