Се наоѓаме пред историски избори за нашата земја, избори на кои одлучуваме помеѓу два дијаметрано различни концепти за државата и за нејзината иднина.Мојот концепт е да продолжиме Напред и да ја обновиме економски земјата, да се обединиме околу европските цели. Да градиме пријателства со соседите и да работиме со љубов за државата, вели Стево Пендаровски.

Другата страна има намера да се вратиме назад, да поништиме се што е направено сега и така поделени и скарани, без идеја за иднината повторно да ја втурнеме земјата во изолација, во блокади и во нова крајна неизвесност.

На другата страна не постои одговор како земјата ќе оди Напред, како економски ќе се развиваме ако сме изолирани. Како планираат да влеземе во НАТО и во ЕУ без договор со соседите, за нив е најважна политиката на една партија на белиот дворец граден со наши народни пари. За нив аболициите и амнестиите се поважни од доброто на сите граѓани на оваа земја.

Иднината за која јас се борам да бидеме членка на НАТО со почнати преговори со Европската Унија, само така е можно драстично економско зајакнување со добро платени места, со новоотворени можности за младите, земја во која има строги стандарди и правила по кои работат и институциите и службениците. Земја во која политиката не дели, туку обединува.

Како претседател на сите граѓани нема никогаш да ве делам по вера, нација или по јазикот кои го зборувате.

Нема да дозволам укинување на правата кои ги имаат нашите сограѓани од етничките заедници и кои се загарантирани со Уставот.

Ќе се заложам за целосна контрола врз власта и секогаш ќе стојам на страната на обесправените.