Околу пишувањето на „Политико“ дека Бугарија понудила компромис да го признае македонскиот јазик и народ, а за возврат Македонија да признае нивни историски корени Пендаровски одговори дека до моментот нема информации за тоа што го пишуваат меѓународните портали. Тој потсети дека дури и Грција го призна нашето право на самоопределување, пишува „Независен“.

-Тоа е наше чувство и секако преговори за нашиот идентитет не треба да има. Бугарија ја признава реалноста и верувам дека работните групи ќе изнајдат решенија. И очекувам од раководството на Бугарија да направи исчекор. Ги охрабрувам комисиите да продолжат и да ги најдат периодите што не поврзуваат во историјата за да заедно се слава, додаде премиерот Зоран Заев.

Дали македонската влада би прифатила ваков предлог, беше новинарско прашање на кое Пендаровски повтори дека не знае дека предлогот воопшто постои и затоа не може да се произнесе.

-Треба да го видиме предлогот за да се изјасниме, дополни Заев додавајќи дека информацијата од Брисел е добра, бидејќи според она што беше пренесено ќе има прва меѓувладина конференција и дека тоа е прифатено од сите.

Запрашан директно дали за него е прифатлива понудата да се каже дека македонскиот јазик има бугарски корени тој рече „не“.

-Од официјален претставник на бугарската држава не треба да очекувате поинаква изјава, а од нас ништо друго освен да го повториме тоа што ни е црвена линија, порача претседателот на забелешката дека бугарскиот амбасадор Ангел Ангелов најави дека Софија не отстапува од декларираната позиција.

-Ние не прашуваме за ставови на други држави туку ја кажуваме нашата позиција. Преговори за идентитетот на македонскиот народ немало ни во време на преговорите за Преспанскиот договор. Од тие позиции нема да отстапиме. Ова се наши позиции и безрезервно ќе ги браниме. Прашавте што ако секој се држи до своите позиции, како ќе се најде компромис? Одговорот е – исто како и со Грците. Јас сум убеден дека и во бугарското политичко раководство се сигурни дека македонскиот јазик и Македонците се реалност и ќе го признаат тоа. Тие квалификациии јавно се кажувани од премиерот на Бугарија, рече Пендаровски.

На тоа Заев додаде дека Борисов беше во Скопје и јавно зборуваше за македонски народ, дека во Бугарија ја признаваат реалноста и тоа според него е голема вредност и големо пријателство.

-Меѓусебното разбирање внатре не носи кон она што го викаме реалност. Факт е дека имаме заедничка историја и ако бидеме паметни со доминантен фокус на иднината можеме можност да го искористите тоа. Има позитивни исчекори, многу е направено од Комисијата, така што ја поздравувам и ја охабрувам да продолжи и се надевам дека ќе ги најде следните историски решенија. Бугарската страна ниту бара нов договор ниту анекс на новиот договор. Ако има потреба од дообјаснувања, јас сум подготвен во рамките на договорот да го направиме тоа. Очекувам Бугарија да продолжи да биде првиот и најголем поддржувач на Македонија во евроингерацијата. Следниот чекор е првата меѓународна конференција, рече Заев.