Меѓународна истрага за „Диво Насеље“ бара претседателот Стево Пендаровски и тој ова синоќа го кажа во интервју на АлсатМ. Пендаровски рече дека има информации оти во тековниот процес за „Диво Насеље“ не се зафатени сите клучни актери кои учествувале во подготовката или во позадинското менаџирање на настаните.

Значи, зафатени се… дали баш сите до еден, не навлегувам во тоа… меѓутоа, зафатени се воглавно луѓето кои оперативно излегоа на терен и ги направија тие безбедносни проблеми во предградието на Куманово. Колку што јас знам, а нешто знам во тој дел, не се опфатени луѓето коишто дадоа наредба тоа да се направи, бидејќи тоа е договорен настан, да нема никој дилеми околу тоа – рече Пендаровски.

Пендаровски рече дека инсистира на меѓународна истрага за „Диво насеље“ и ги повика надлежните институции да побараат директна меѓународна правна помош.

Бидејќи, да се разбереме, според нашите прописи не е возможно странска полиција, странска служба, директно да презема извршни дејствија од било кој тип, не само во овој аспект, меѓутоа може да помага. Не знам зошто тоа до сега не е направено. Навистина тоа не е прашање кое е за мене, да го одговорам, меѓутоа и мене ме интересираше затоа што тврдам дека случај којшто има меѓународен аспект, а три држави се инволвирани, ви ги спомнав другите две освен нашата, би било добро да се одработи со заедничка меѓународна акција“, рече Стево Пендаровски.