Претседателот Стево Пендаровски од Европската унија очекува лидерство и решителност и  неодложно да го одредат датумот за започнување на преговорите за членство.

„Тое е добитна комбинација за сите засегнати стран“, порача Пендаровски во обраќањето на регионалната конференција „Проширувањето на Европската унија на крстопат“ на Подгоричкиот клуб.

ЕУ, посочи Пендаровски, треба да остане доследна на високите очекувања што ги создаде кај граѓаните.

„ Доколку на Северна Македонија и на Албанија не им се даде датум за преговори за членство, а на Босна и Херцеговина позитивно мислење за поднесеното барање за членство, наместо суштински напредок во регионот ќе има разочарување. Во однос на најтешките прашања ние го направивме нашиот дел, сега останува на Европскиот совет да го направи својот дел. Да им го даде на нашите граѓани заслужениот датум за отпочнување на пристапните преговори. Секое дополнително одложување на преговорите, ќе ја наруши кредибилноста на ЕУ, ќе ги демотивира гражаните, ќе го забави реформскиот процес и негативно ќе влијае на стабилноста на целиот регион“, рече претседателот Пендаровски.

Минатата недела, укажа, Северна Македонија го доби најдобриот и најпозитнивниот извештај од ЕК за напредокот и интеграциите.

„Добивме чиста и безусловна препорака за отпочнување на пристапните преговори за членство во ЕУ. За да стигнеме до тука не беше ниту малку лесно. За многу кратко време успеавме да решиме децениски прашања. Северна Македонија е единствената држава во регионот што веќе нема отворени прашања со своите соседи, туку само отворени перспективи“, посочи Пендаровски.

Истакна оти има уште многу да се сработи и оти  се преземаат активности да се постигне суштински и демократски напредок за граѓаните.

„Подготвени сме да ги започнеме преговорите за влез во ЕУ. Членството во ЕУ и во НАТО е нашиот највисок стратешки приоритет. Изразив надеж дека и ЕУ ќе го следи примерот на НАТО и ќе даде датум за почеток на преговорите.Преговорите за членство ќе бидат кохензивен фактор во нашето мултиетничко општество. Датум ќе ги мотивира институциите во државата одговорно да ги спроведуваат суштинските реформи, неоходни за инклузивна, стабилна и функционална демократија. Да не заборавиме дека интеграција во ЕУ е единствениот заеднички содржател на сите земји во Западен Балкан“,  оцени претседателот.

На конференцијата на Подгоричкиот клуб Пендаровски порача дека регионалната соработка е клучна за развој на нашите држави и овозможува поврзување на сите нивоа.

На конференцијата, покрај поранешниот претседател Црвенковски како домаќин, учествуваат и поранешните претседатели на Албанија Алфред Мојсиу и Реџеп Мејдани, поранешниот претседател на Црна Гора Филип Вујановиќ, поранешниот претседател на Косово Фатмир Сејдиу, поранешната премиерка на Хрватска Јадранка Косор и  поранешниот претседател на Хрватска Стипе Месиќ, поранешниот претседател на Словенија Данило Тирк, поранешниот премиер на Србија Мирко Цветковиќ, како и поранешниот претседавач на Советот на министри на Босна и Херцеговина Златко Лагумџија.