Потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ Владо Мисајловски и пратениците Никола Мицевски и Благица Ласовска вчера остварија средба со амбасадорите од Северноатлантскиот Совет, соопштија од партијата.

На средбата се разговарало за актуелната политичка и економска состојба, како и за евроатлатските  позиции на Република Македонија.

Од страна на Мисајловски било истакнато дека врвен стратешки приоритет на ВМРО-ДПМНЕ е интеграцијата на Република Македонија во НАТО, но како што потенцирал тој изминативе две години државата се наоѓа во многу лоша состојба поради крајно неодговорното управување од страна на актуелната власт на СДСМ и Заев.

„Ставот на ВМРО-ДПМНЕ е јасен, нашиот приоритет е патот кон евроатлатската интеграција на Република Македонија, но ние моментално имаме влада која што најмалку придонесува за евроатлатските интегративни процеси на Република Македонија. Со криминал, корупција, катастрофална економија, руинирано здравство и образование, непотизам не може да имаме едно здраво општество, ниту пак демократска држава која ќе чекори кон вистинскиот пат, а тоа е ЕУ и НАТО“, рекол Мисајловски.

Било констатирано дека државата не оди напред, туку напротив стагнира.

Од страна на пратениците Мицевски и Ласовска како што соопштуваат од партијата било кажано дека пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ ќе ги поддржи сите законски решенија кои ќе бидат од значење како за граѓаните, така и за иднината на Република Македонија.

Било разменето мислење за унапредување и зајакнување на меѓусебната соработка се со цел побрза интеграција на Република Македонија во Европската Унија и НАТО.