Мафијата на власт криејќи се зад зелени такси, давачки и даноци ќе го осиромашува народот додека тие се луксузираат и ги јадат парите преку коруптивни и криминални шеми. Впрочем после најавената зелена такса од четири денари поскапо гориво по литар, најавуваат и нов зелен данок кој ќе удри по стандардот на граѓаните и по стопанството, обвинуваат од ВМРО-ДПМНЕ.

-Дека абер немаат од рационално трошење на народните пари говори фактот дека со ребалансот предвидуваат дури 124 милиони евра за договорни услуги, кои секогаш најнетранспарентно се трошат. Два ипол пати повеќе пари се предвидуваат за набавка на мебел, 20% повеќе пари за набавка на службени возила, 4,4 милиони евра за привремени вработувања, 13 милиони евра за дневници и патувања и други милиони други случаи на луксуз, поткуп и недомаќинско трошење. Со други зборови граѓаните ќе плаќаат поскапо гориво, стопанството ќе плаќа нов данок, а власта на Заев ќе ги троши парите за мебел, службени возила, договорни услуги, поткуп на гласачи пред избори и слично, велат од партијата.

Од ВМРО-ДПМНЕ истакнуваат:

Оваа мафија на власт е тотално неспособна за се друго освен за криминал. За време на нивниот мандат го покачија долгот на Македонија за нови 2,4 милијарди евра и тој сега е на рекордно ниво од 7 милијарди евра или 63% од БДП. Дополнително поради нивните погрешни политики само за една година затворени се 6.200 компании, има 60 илјади нови невработени, а бројот на лица кои живеат во сиромаштија е околу 600.000.