Македонците што живеат во Словенија преку „Цивилнодружбената иницијатива за македонско-словенечко пријателство“ објавија отворено писмо до Владата на Словенија во кое се извинуваат за навредите што Директорот на Агенцијата за филм на Република Македонија, Горјан Тозија, ги искажа кон словенечкиоот Премиер, Јанез Јанша.
Како што истакнуваат во писмото, Словенија е голем пријател на Македонија, кој направил многу за да помогне на нејзиниот европскиот пат и со ништо не ги заслужила навредливите настапи на Тозија.
Во писмото се додава дека тоа не е став на Македонците, без оглед на тоа дали живеат во Словенија или во Македонија и бараат од македонската Влада решително и јавно да се огради од таквите ставови на Тозија и да го санкционира.
Во продолжение целото писмо …
„ОТВОРЕНО ПИСМО
до Владата на Република Словенија и до целата словенечка јавност,
Поради тешките и неосновани навреди кон Претседателот на Словенечката влада од страна на македонскиот висок владин функционер Горјан Тозија.
Како Македонци, како државјани и граѓани на Република Словенија која е нашата втора татковина, испраќаме јавно извинување до Владата на Република Словенија, нејзиниот Премиер г-дин Јанез Јанша и на целата словенечка јавност, за тешките и неосновани навреди од страна на високиот државен функционер во владата на Република Македонија, Директорот на Агенцијата за филм на РМ Горјан Тозија.
Заради таквите навреди, кои не доликуваат на еден висок владин функционер, ние Македонците во Словенија се чувствуваме засрамени, затоа што нашата втора татковина Словенија, која безрезервно ја поддржува Македонија на нејзиниот европски пат, Словенија која и во последната пандемска криза прва несебично и помогна на Македонија, ваквите навреди не ги заслужува.
Како Македонци се чувствуваме разочарани затоа што доброто се враќа со зло.
По тешките и неосновани навреди во кои Горјан Тозија Словенечкиот премиер г-динот Јанез Јанша (идниот претседавач со ЕУ) го нарекува криминалец, сместувајќи го во некаков само нему познат “клуб на европски криминалци” заедно со неколку други Премиери на ЕУ држави, упативме и јавно писмо до владата на Македонија, каде побаравме и јавно извинување како и санкционирање на горепосочениот автор на ваквите недолични изјави.
Таквите личности, како што е веќе и сосем очигледно тераат не-европски агенди и во функција на пропаганди кои се во спротивност на официјално декларираните македонски про-европски заложби.
Со овој наш јавен настап сакаме да нагласиме дека тој државен функционер не зборува во името на Македонците, и тоа не само во наше име на нас Македонците во Словенија, туку на сите, каде и да се.
Очекуваме македонската влада конечно и јавно да се огради и решително ги санкиционира ваквите појави“ – се вели во писмото на „Цивилнодружбена иницијатива за македонско-словенечко пријателство.
Comments are closed for this post.