Сега е вистинско време ЕУ да го исполни својот дел од задачата и да го деблокира нашиот пристапен процес преку усвојување на преговарачката рамка и одржување на првата меѓувладина конференција за време на француското претседателство, рече министерот за надворешни работи, Бујар Османи по средбата со помошник државната секретарка на САД за европски и евроазиски прашања Карен Донфрид која денеска е во посета на земјава.

Османи предупреди дека отсуството на напредок во евроинтегративниот процес ќе има сериозни последици за нашата држава и за земјите од Западен Балкан, но отвора, како што напомена, и простор за штетни влијанија од трети земји поради што „забрзување на евроинтегративните процеси е значаен геополитички интерес и за нашите партнери“.

Според него, процесите на проширување на ЕУ претставуваат и безбедносна политика и оттука, членството на регионот во Унијата е од суштинска важност за регионалната и европската безбедност и стабилност. Никој од нас, потенцира Османи, нема време за губење.

-Македонија е европска земја и лојален партнер со значителен напредок во реформските процеси. Иако се уште земја кандидат, РСМ во целост или стопроцентно е усогласена со заедничката надворешна и безбедносна политика на ЕУ и воедно со сите рестриктивни мерки што произлегуваат од воената агресија на Русија врз Украина. Цениме дека сега е вистинско време за ЕУ да го исполни својот дел од задачата и да го деблокира нашиот пристапен процес преку усвојување на преговарачката рамка и одржување на првата меѓувладина конференција за време на француското претседателство. Тоа ќе претставува големо охрабрување и за другите земји од Западен Балкан. Ќе се потврди кредибилноста на ЕУ и ќе се охрабрат процесите за надминување на разликите и помирувањето во регионот. Иако стабилен, регионот е обременет со бројни прашања кои создаваат простор за диригирана нестабилност засилена со надворешни влијанија од центри на моќ во чиј интерес не е стабилноста и просперитетот на регионот, нагласи министерот.

Тој повтори дека земјава го поддржува и се солидаризира со украинскиот народ, како и дека  јасно ги осудува руските воени дејства во земјата.

-Војната во Украина демонстрираше јасна потреба и за внесување нова динамика во евроинтегративните процеси на земјите од Западен Балкан, укажа Османи.

На прес-конференцијата министерот потенцира дека како НАТО сојузник, Македонија ја презема обврската активно да придонесе во регионалната стабилност.

-Во оваа смисла и САД, како и останатите НАТО сојузници може да сметаат на земјава како стабилен и кредибилен партнер при адресирањето на сите отворени прашања во регионот. Тоа е и наша обврска, но и наш директен интерес да бидеме дел од еден безбеден, стабилен и просперитетен регион опкружени со земји соседи кои ја делиме нашата европска и евроатлантска иднина, рече Османи.