Со ситни души држава не се прави.

Оваа синтагма на поранешниот лидер на сега владејачкиот СДСМ, премиер и претседател на Македонија, Бранко Црвенковски, од оваа временска дистанца може да има и свое надополнување.

Навистина, држава не се прави со ситни души, ама уште помалку со продадени души. Или, модерно речено-платеници А, такви, богами, во последно време се накотиле како глувци. Ги има на секој чекор, и во подземјето и тука, пред сите нас, излегуваат, не гледаат во очи и не убедуваат дека црното е бело. И обратно, дека белото е црно. Па, во ова време на ново (не)нормално одново ја актуелизираат изреката дека никогаш не треба да му се смеете на глупав човек. Зашто, еден ден може да стане министер, прв, втор, трет вицепремиер, премиер, пратеник, а кај нас богами и академик.

Го гледав и слушав вчера министерот за надворешни работи Бујар Османи на брифингот со новинарите. И прво што помислив беше ни од мене жена, ни од него дипломат. Да не бидам погрешно сфатен и обвинет за било каква омраза врз било каква родова основа, однапред му се извинувам на целиот женски род.

Зашто, помислата ми беше во контекст на познатата споредба на некогашниот српски министер за надворешни работи и премиер на Кралството Србија, Никола Пашиќ, меѓу дипломатот и жена. Значи, од времето кога женските права не постоеле и биле само мисловна именка.

Но, што вели Пашиќ? Пашиќ вели дека ако еден дипломат каже „да“, тоа значи „можеби“, ако каже „можеби“, значи „не“, ако каже „не“, тој не е никаков дипломат, зашто дури и неприфатливите официјални покани дипломатот не ги отфрла со „не“, туку се разболува од дипломатска болест. А, жената ако каже „не“, значи „можеби“, ако каже „можеби“, значи „да“, ако каже „да“, тогаш таа не е никаква жена.

Нашиот прв дипломат вчера ниту кажа „не“, ниту се разболе од некаква дипломатска болест. Напротив. Со невидена и загрижувачка леснотија ни обелодени дека сака беспоговорно да не побугарчи! И тоа под превезот на официјалниот почеток на преговорите за членство на Македонија во ЕУ со симнувањето на ветото на официјална Софија и исполнувањето на бугарските барања за демакедонизација или, како што они велат, стопирање на процесот на дебугаризација во Македонија! А, првиот чекор е заедничкото чествување на цар Самоил и содржината во учебниците за 7 одделение во кои се изучува целото средновековие.

Но, тоа не е се! Секој, кој што нема да ги прифати политичките и историските решенија и Договорот за добрососедство, тој не само што ќе ти бил анти ЕУ, туку згора на тоа и по автоматизам ќе стане ни помалку, ни повеќе, туку руски шпион!

А, како основа за ова служи протерувањето на вториот човек во руската амбасада во Софија, кој имал соработка со бугарски разузнавачи од нивните безбедносни служби и заедно работеле на влошување на односите меѓу Македонија и Бугарија, со што го отежнувале или спречувале прогресот, надминувањето на недоразбирањата и конечното симнување на ветото.

За нашиот прв дипломат и ова не беше доволно да запре! Па, така наивно, во удбашки стил само патем нафрли дека и од Македонија, и тоа од институции на системот, поединци се јавувале во Софија, со тврдење дека ќе сме имале предвремени избори, па секој напор во правец на надминување на недоразбирањата би бил залуден! Притоа, Османи наивно „заборави“ да спомене име на било која институција, на било која личност, на било кој поединец во Бугарија. А, е на власт и сите можни алатки му се на дофат за да покрене обвинение против било кого од тие што се јавувале! Демек, зборам ти ќерко, сети се снао.

Но, работите не одат така. Со вакви режирани малициозности од страна на политичкото подземје, наместо да работи на обединување на и онака максимално поделеното македонско општество, Османи сака ја украинизира Македонија! И тоа во моменти кога над целиот европски континент е надвисната сериозна опасност од проширување на војната во Украина.

Ваквите опасни игри на Бујар Османи, меѓу другото, ја отсликуваат и неговата (анти)логика, што, за жал, покажува дека тоа што може да се употреби во внатре-политичката битка во Бугарија, не мора по автоматизам да значи дека има иста употребна вредност и во Македонија. Ќе се прашате зошто?

Одговорот е едноставен. Ако руските и бугарските шпиони во Бугарија сакале до крај да и наштетат на Македонија, тоа максимално ќе го искористеле и правеле пред нејзиниот прием во НАТО, а не сега за почеток на преговори за членство во ЕУ. Па, токму сега се актуелни украинско-руските преговори за прекин на војната и една од отстапките на Русија е дека нема ништо против членството на Украина во ЕУ, ама е против нејзиниот прием во НАТО-алијансата!

Оттука, настапот на Османи беше повеќе во функција на дефокусирање на јавноста од повлекувањето на македонската страна во историската комисија. И тука проблемот не е во заедничкото чествување на цар Самоил. Тоа ќе биде, и ако биде, на јубилејни години. Проблемот е во содржината на прифатениот протокол, но пред се во содржината на четивото во учебниците за 7 одделение, што го опфаќа целото средновековие. И, секако, играта меѓу комисијата и Владата и нивното префрлање на топката, кој треба да ги смени учебниците? Комисијата или Владата?

Што е уште пострашно, од таа содржина зависи и територијалното омеѓување на бугарскиот катапенат и улогата и значењето за Македонија и на Македонците на Охридската архиепископија. За тоа, пак, дека три години се навистина многу за да не се открие содржината на протоколите за до сега постигнатата согласност за сите историски ликови, ич и да не се говори.

Со фрлањето прашина в очи на домашната јавност, Османи не може да ја сокрие лошата, асиметрична содржина на Договорот со Бугарија. Уште помалку прифаќањето, толкувањето на терминот „заедничка историја“ и исполнувањето на ветувањата дадени на бугарската страна, особено на економски план.

За руското, а јас би рекол и не само на нејзиното влијание во Бугарија, Османи требаше да мисли многу порано. Зашто, целиот проект за „Бугарската политика спрема Република Македонија“, Бугарија го има подготвено уште во 2007/2008 година. Нека седне да го види и да го прочита. Ако го нема, слободно нека каже, веднаш ќе му го доставам. Чисто за да види кој се учествувал во неговата подготовка и чии пари биле користени.

А, со што нашиот прв дипломат ќе го оправда усвојувањето и на Декларацијата и на Резолуцијата во бугарското Народно собрание? Само со руското влијание? Чисти глупости. Па, новокомпонираните бугарски богданфиловци и отворени бандеристи, што ќе рече (нео)нацистички историски ревизионисти одново се повампирија по 2013 година, а тогаш на власт во Бугарија беа Бојко Борисов и Красимир Каракачанов.

Не попусто се вели дека тоа што една будала може да расипе, милион паметни не можат да поправат. А, камо ли двајца будали!?

Затоа би било подобро Османи да го намали малку доживувањето. Ниту смее, ниту може граѓаните со сила да ги прави анти-НАТО или анти-ЕУ расположени, уште помалку некакви руски шпиони. Македонската историја го има веќе доживеано тоа. Не и се потребни ниту нов Тито, ниту нов Кардељ, ниту нов Колишевски, ниту нов Абаз, ниту нови голиотоци, ниту ново тестирање од типот за кого си-за Тито или за Сталин?