Засега нема идеа за потпишување нов договор со нашиот сосед.

Во оваа кратка реченица министерот за надворешни работи, Бујар Османи, ја отслика моментната состојба околу надминувањето на недоразбирањата со соседна Бугарија.

Османи денеска имаше брифинг со новинари во обид да биде транспарентен, но тоа е далеку од вистината. Зашто, министерот за надворешни работи тоа го прави селективно и само за одбрани, пред се, провладини медиуми. Во неговиот кабинет нема место за критички настроените новинари.

По цела година, Османи ги обелодени причините поради кои минатиот декември Македонија не ги почна официјално преговорите за членство во ЕУ. Во предлогот на тогашната бугарска министерка Екатерина Захариева имало два члена, за  македонскиот јазик и за нацијата, кои биле неприфатливи. А, дека ќе бидат неприфатливи знаеја сите освен власта!

Тоа што сега Османи ни обелоденува дека официјална Софија барала да потпишеме дека македонскиот јазик произлегува од бугарскиот, а нацијата од обидот за ослободување од Отоманската империја не вреди ни пет пари. Со тоа не може да добие улога на некаков спасител на македонскиот јазик и на македонската нација. Напротив.

Ако министерот за надворешни работи сакаше да биде навистина транспарентен, прво и основно што мораше да го направи е да ја обелодени содржината на одговорите, што и ги дал на официјална Софија. Јавноста тоа го заслужува, особено што станува збор за идентитетски прашања директно поврзани со Македонците. Се додека тоа не го стори, Османи не може да биде ни транспарентен, ниту министер во кого ќе се има доверба.

Чудно е како Османи не следи што пишуваат бугарските и домашните медиуми, кои веќе отворено велат дека Кирил Петков не треба да оди во Скопје, туку Димитар Ковачевски е тој, кому му гори под нозе и затоа треба прв да оди во Софија. Чисто да се знае кој е газда во куќа и од кого зависат работите!? На крајот на краиштата, најмалку важно е дали Петков ќе дојде во Скопје или Ковачевски ќе оди во Софија.

Тоа што е важно е што официјална Софија се уште не дала свое мислење за дадените наши одговори. Во трката со време, жешките костени се во Скопје.

Индикативно е што и на Али Ахмети вчера и на Османи денеска некако многу им се брза, иако претседателот Стево Пендаровски во годишното обраќање пред пратениците изјави дека токму тоа не треба да се прави. За разлика од првиот вицепремиер Артан Груби, Ахмети и Османи не го одредуваат тајмингот во броени шест дена. Лидерот на ДУИ споменува наредни денови и месеци, а Османи е блиску до него, па јуни му се гледа далеку и ветува работа, се разбира ако има можности за тоа, ден за ден, недела за недела, ама не може да даде долги рокови за да не остави простор да влеземе во „замрзнат конфликт“.

Сепак, ама баш ништо не зависи ни од Ахмети, ни од Османи, туку од тоа што како барање ќе го испорача официјална Софија. Зашто, како и секогаш, ѓаволот се крие во деталите, што сега никој не може да ги предвиди.