Министерот за надворешни работи Бујар Османи по средбата со неговиот грчки колега Никос Дендиас во Скопје рече дека меѓудругото се разговарало и за имплементацијата на Преспанскиот договор во рамки на сообраќајните знаци во Грција, на кои е предвидено да се најде новото уставно име на земјата, но шефот на македонската дипломатија вели дека засега локалните власти таму не се расположени за тоа.

– Објаснувањето реално е дека локалните власти се тие што не покажуваат ентузијазам, меѓутоа и по однос на тоа прашање разговаравме пошироко и мислам дека во наредниот период ќе има решение, рече Османи на прес-конференцијата.

Тој додаде дека останува силната верба во Преспанскиот договор и во стратешкото партнерство што произлегува од истиот. Османи подвлече дека по оваа средба, односите со Грција ќе бидат уште посилни.

На состанокот станало збор и за нрз меѓуграничен железнички транспорт, а се зборувало и за отворањето на новиот граничен премин Маркова Нога.

Дендиас не присуствуваше на прес-конференцијата во делот на поставувањето на новинарски прашања.