Статусот на реформите, преговорите за идниот статус на СЈО кои се во тек, како и случајот „Рекет“, беа теми на одделните средби на вицепремиерот задолжен за европски прашања, Бујар Османи и министерот за надворешни работи Никола Димитров во Копенхаген, со министерот за надворешни работи, Јепе Кофод, како и со Вибеке Пастернак Јоргенсен, главна советничка за европски прашања на премиерката Мете Фредериксен остварени во рамки на нивната работна посета на Данска.
Како што се посочува во соопштението од МНР, Османи и Димитров се осврнале на последните актуелности поврзани со случајот „Рекет“, пренесувајќи го ставот на Владата за безусловна поддршка на истражните и правосудните органи во насока на целосно, непристрасно, ефикасно и транспарентно расчистување со овој случај, без разлика кон кого ќе води истрагата, задржувајќи го со тоа и успехот од досега постигнатиот напредок во оваа област.
Во истиот контекст, Османи и Димитров потсетиле дека преговорите за идниот статус на СЈО се водат активно меѓу парламентарните партии и изразија очекување дека и оваа реформа навремено ќе биде завршена, со цел квалитетно заокружување на институционалната поставеност на земјата за борба против организираниот криминал и корупција.
Како што соопштија од МНР, Османи и Димитров на средбите реферирале и за политичките актуелности во земјата, за постигнатиот напредок во клучните реформски области, во создавањето на добрососедските односи, но и во зацврстувањето на внатрешната стабилност, како основа за подготвеноста на земјата за почеток на пристапните преговори со Европската Унија во октомври, оваа година.
Потврдувањето на успехот на нашата приказна, со сите предизвици, но и демонстрирана упорност за нивно надминување ќе претставува заслужено подавање на рака за почеток на продлабоченото европско патување, но и валидација за европската перспектива на регионот – истакнал Димитров.
Во слична насока, вицепремиерот Османи посочил дека Владата е во целост фокусирана на подготовката и создавањето услови за успешен старт на преговорите.
Фокусот кон реформите и напредокот во клучните области и натаму останува приоритет на Владата, и во периодот кој претстои, преземаме обврска да испорачаме дополнителни резултати, со кои ќе ја потврдиме нашата подготвеност за почеток на преговорите оваа година – потенцирал Османи.
Comments are closed for this post.