Демократската унија за интеграција денеска во партиското седиште во Мала Речица ќе одржи седница на Централното претседателство, на чиј дневен ред се очекува да биде расправа за „фронтот за Европа“.

Организацискиот секретар на ДУИ и воедно градоначалник на Општина Сарај, Блерим Беџети се надева дека на утрешната седница на Централното претседателство ќе продолжи и дебатата за прашањата „што создаваат разлики меѓу извршната власт и значаен дел од партијата“.

– На последната седница беше донесен заклучок дека треба да се разгледаат двата извештаи и да се продолжи со расправа по извештајот кој се однесува на отчетноста, што е транспарентност, европска вредност и верувам, во најмала рака, очекувам да се продолжи да се дебатира за сите тие прашања кои реално создаваат разлики меѓу извршната власт и значаен дел од Демократската унија за интеграција. Треба да продолжи таа точка од дневниот ред за да се види дали има сработено, дали има резултати и дали тие се исполнети со конкретни ангажмани и реализирање на проекти, согласно изборната програма на ДУИ. Ова ќе биде предложено како точка на дневен ред, рече Беџети денеска по потпишувањето на Договорот за збратимување на скопските општини Сарај и Чаир со малтешката Општина Л-Исла.

Група истакнати членови на ДУИ, кои беа наречени „Огнена група“, кон крајот на септември објавија отворено писмо во кое обвинија дека во партијата речиси две години не постојат и не се формираат статутарните партиски тела и дека политичкото одлучување станало индивидуално. Во писмото, потпишано од 20-тина членови на ДУИ, меѓу кои и Изет Меџити, Муса Џафери, Висар Ганиу, Невзат Бејта, Блерим Беџети, Мерита Коџаџику, се бараше внатрепартиска дебата за да се надмине состојбата и беше упатен повик до лидерот на партијата Ахмети „да го искористи својот политички и  статутарен авторитет за да се најде решение за зачувување на партиското единство“.