На полноќ почнува 48 часовниот молк пред референдумот во Недела.Во сабота ќе гласаат војниците, затворениците, болните и изнемоштени лица како и иселениците. Ако одзивот на дијаспората и овие категории граѓани е показател за он а што ќе се случува на референдумот, тогаш законскиот цензус од 50 % + 1 глас или 903 189 гласови е далаку од исполнување, но конечниот исход ќе биде познат по затворањето на гласачките кутии во 19:00 часот.
Бројот на пријавени иселеници за гласање на референдумот в недела е речиси идентичен со бројот на гласови кои во дијаспората на последните парламентарни избори ги добија СДСМ, ДУИ и Коалицијата ВМРО за Македонија. Во 33 дипломатско-конзуларни претсавништва ставот за референдумското прашање “Дали сте за ЕУ и НАТО со прифаќање на договорот меѓу Македонија и Грција ќе го кажат 2694 иселеници. СДСМ (1605) ДУИ (875) и Коалицијата ВМРО за Македонија (84) на парламентарните избори добија вкупно 2564 гласови. За разлика од референдумот за парламентарните избори се пријавија над 21 000 гласачи, а правото на глас го остварија 5908.
Од болните и изнемоштени за гласање се пријавени 1859.
Додека коалицијата За европска Македонија е убедена во успешноста на референдумот и ги афирмира според нив придобивките од договорот од Преспа, интензивна кампња води и таборот за бојкот на референдумот. Таму се убедени дека потребниот цензус нема да биде достигнат, а единствено бојкотот е соодветен одговор на Преспанскиот Договор и уставните измени.
Според последната анкета на Институтот за политички истражувања направена од 15 до 18 септември 43, 4 проценти од граѓаните ќе излезат на референдумот и ќе гласаат “ЗА”. 10, 9 проценти ќе гласаат “ПРОТИВ”, а 28,7 проценти од граѓаните нема да излезат на гласање. За разлика од истражувањето направено во Август за 6 проценти пораснал бројот на оние кои нема да излезат на гласање. Минимално, односно за 0,2 проценти се зголемил бројот на оние кои ќе гласаат “ЗА”, а речиси 10 проценти опаднала бројката на оние кои ќе гласаат “ПРОТИВ”. Од ИПИС велат дека до одржувањето на референдумот се очекува натамошен пад на оние кои би гласале против со оглед на отсуство на кампања која би ги мотивирала да гласаат, но и одреден пораст кај оние кои би гласале ЗА, како и оние кои ќе се одлучат да бојкотираат.
Од Институтот исто така истакнуваат дека процентите во анкетата се однесуваат на гласачите со место на живеење во Република Македонија, додека во избирачкиот список се опфатени и голем број на граѓани кои во моментов не живеат во РМ. Со оглед на дозволената маргинална грешка од +/-3% во анкетата, процентот на оние кои би излегле на референдумот заклучно со 18.09.2018 е во опсегот помеѓу 39% и 45% од граѓаните запишани во избирачкиот список.
Comments are closed for this post.