„Не губете ја вербата во себе, бидејќи од вас зависи иднината на Република Македонија. Не губете ја надежта и патриотската љубов кон Република Македонија, бидејќи само како суверена и независна држава таа ќе биде заштитник на вашата слобода и вашето човечко достоинство. Јас како граѓанин веќе ја донесов мојата одлука. На 30 септември нема да излезам да гласам. Верувам дека и вие, моите сограѓани ќе донесете мудра одлука“ порача претседателот Иванов во своето обраќање на генералната дебата на 73. сесија на Генералното собрание на Обединетите Нации во Њујорк.

Претседателот Иванов истакна дека гласањето на референдум е право, а не обврска и дека секој граѓанин има право да одлучи како ќе постапува во однос на овој референдум, да излезе и да гласа, или, пак да не излезе и да бојкотира.

„Доколку овој референдум не е успешен, тогаш се отвора нова можност. Можност да разговараме и да ги разгледаме новите опции за решавање на прашањето во согласност со меѓународното право, преку почитување на нашето фундаментално право на самоопределување. Да го обновиме националниот консензус што го постигнавме на почетокот на независноста“ рече македонскиот претседател.

Претседателот Иванов нагласи дека за разлика од референдумот од 8 Септември 1991 година кој довел до сувереност и независност, овој референдум на 30 септември може да доведе во состојба на потчитеност и зависност спрема друга држава.

„Ако овој референдум биде успешен во согласност со законот, тогаш не само што се менува името на постојната држава, туку се создава нова, полусуверена држава, со ново име и нов внатрешно-правен и меѓународно-правен идентитет. Ќе бидеме држава само по име, но не и по суштина, бидејќи друг ќе ни го регулира начинот на живот“, изјави претседателот Иванов.

Тој порача дека ни е потребна храброст, но не за капитулирање, туку како што рече за да се истрае во остварувањето на правото на самоопределување, зачувување на суверенитетот и независноста на државата и за да се каже вистината.

„Овој 30 септември е одлучувачки за нашата иднина. Но, истовремено, во нашата традиција, со векови наназад на 30 септември се празнува верата, надежта и љубовта, кои произлегуваат од мудроста“, заклучи претседателот Иванов.

Обраќање на претседателот на Република Македонија, д-р Ѓорге Иванов, на 73 сесија на Генералната дебата во Генералното собрание на Обединетите нации.