Со многу еуфорија, ама и патетика СДСМ и неговиот актуелен лидер и премиер Димитар Ковачевски синоќа ја прославија 31-годишнината од формирањето на партијата. И судејќи според медиумските извештаи, владејачката партија и нејзиниот прв човек крајно селективно ги истакнаа своите досегашни постигнувања. Повеќе би се рекло на кумановски начин, како батко Ѓорѓија, видоа што е убаво и се сакаат да биде нивно!
Ама една работа остана нејасна, а тоа е од што СДСМ и Ковачевски се срамат или плашат за да ги споменуваат сегашноста и иднината, ама не и минатото?!
-СДСМ 31 година е чувар на сегашноста, гарант на стабилноста, напредокот и иднината, изјави претседателот на партијата, Димитар Ковачевски.
И ова е суштината, а тоа останатото, дека биле разум кога други потпалувале тензии, дека воделе напред кога други влечеле назад, дека обединувале кога други делеле е чист фолклор. Исто како што е чист фолклор повикувањето на предците во НОБ, кои биле на вистинската страна, па и СДСМ сега бил на вистинската страна.
Да, СДСМ важел за државотворна партија, но таа државотворност во овие 30 години некаде му се изгуби по пат. Зашто, сега се многу поблиски до отворени неоврховисти, отколку до нивните комунистички претци, чиј континуитет го презедоа.
Навистина, зошто СДСМ и Ковачевски не споменуваат дека се или ќе бидат заштитници и на минатото?! Па зарем се срамат или се плашат од нешто? Па зарем комунисти немало во Македонија пред Втората светска војна? Или, едноставно сметаат дека тие не заслужуваат да бидат ниту споменати, ниту имаат некаков континуитет и оти се започнува само со комунистите антифашисти од Втората светска војна? Па и тука може да има дилема, на пример, не ги признаваат комунистите, на Методија Шаторов Шарло, на Колишевски, туку само оние на Глигоров, чие минато непотребно веќе почнаа да го фризираат?
Или, пак, сомневањата треба да одат во сосема друг правец? На пример, дека целосно се откажале од идеолошкото, а со тоа и од националното, па и државно минато, од историјата и од историското наследство на Македонија и Македонците, кои се многу постари и од ВМРО, и КПМ, и од СДСМ?
Ќе се види, и тоа многу бргу ќе се види, зашто некои работи, што се случуваат во општеството, неизбежно мораат да имаат и свој крај.
Comments are closed for this post.