Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција отвори истрага против четири члена на Државната изборна комисија и еден управител и сопственик на правно лице за набавка на софтвер.

Тие се осомничени за кривично дело злоупотреба на службената положба и овластување, при вршење на јавни набавки, од чл. 353 ст. 5 во врска со ст. 1 од Кривичниот законик – не утврдиле дека фирмата не ги исполнува условите за учество во постапката, не спровеле правилна евалуација на понудите, не објавиле постапка за поништување, софтверот не бил тестиран пред користење…

„Од февруари до септември годинава, во Државната Изборна Комисија, осомничените како членови на Комисијата за јавни набавки и осомничениот управител и сопственик на правното лице, со неизвршување на своите службени должности при спроведување постапка за јавна набавка ги повредиле одредбите од Законот за јавни набавки со тоа што не утврдиле дека економскиот оператор не ги исполнува условите за учество во постапката, не спровеле правилна постапка за евалуација на доставените понуди во постапката за јавна набавка, ниту било објавено Известување за поништување на постапката за доделување на договор за јавна набавка во предвидениот законски рок. Исто така, не било извршено тестирање и финален тест на софтверот пред истиот да биде имплементиран и не бил извршен увид во спроведената постапка со преговарање, иако биле должни да го направат тоа пред да биде потпишан Договорот“,

се вели во објаснувањето од Обвинителството.

Исто така, Обвинителството утврдило дека во изготвувањето на техничката спецификација за јавната набавка бил консултиран учесник во постапката, што е спротивно од Законот за јавни набавки, со што за две правни лица била прибавена корист од 899 999 денари, како и од 349 500 денари, со тоа што учествувале во постапката за јавна набавка и склучиле договор.

За осомничените, Обвинителството бара од Судот да им одреди мерки на претпазливост: забрана за напуштање на живеалиштето односно престојувалиштето; обврска на осомничените да се јавуваат повремено на определено службено лице или кај државен орган; привремено одземање патна или друга исправа за преминување на државната граница, односно забрана за нејзино издавање и забрана за преземање определени работни активности кои се поврзани со кривичното дело.​

Истрагата уште на крајот во јули ја најави шефицата на ова Обвинителство Вилма Русковска.

Таа тогаш кажа дека обвинители и истражители од Одделот за организиран криминал и корупција вршат претрес во Државната изборна комисија со цел да стасаат до документацијата за договорот меѓу ДИК и компјутерската фирма што ја изработи апликацијата за следење на резултатите на изборите.