Јавното обвинителство на Република Северна Македонија (ЈОРСМ) денеска реагира на вчерашната изјава на претседателот Стево Пендаровски за случајот „Рекет“.

Не е време за напади на институциите, наведува ЈОРСМ и додава дека нема да дозволи дискредитирање на обвинители и мешање во кривични постапки од страна на политичарите.

Изјавата на претседателот на Република Северна Македонија дека дава целосна поддршка на обвинителството и дека ќе ги употреби сите уставни и законски овластувања за да го заштити од притисоци ќе беше реална, доколку повикаше пратениците да го изгласаат Законот за јавното обвинителство и доколку дадеше поддршка за зајакнување на капацитетите на обвинителството за поефикасна борба против криминалот и владеење на правото, стои во соопштението од Обвинителството.

ЈОРСМ ја уверува јавноста дека за посочениот предмет се постапува неселективно и навремено, според утврден план на истрагата и дека сите инволвирани во кривични дела ќе бидат сослушани или испитани и ќе одговараат согласно законот.

ЈОРСМ уште еднаш потенцира дека подлегнувањето на политички притисоци и мешање во работата на обвинителството, штетно влијае врз текот и успешноста на истражната постапка и врз обезбедување на доказите, се наведува во денешното соопштение од Обвинителството.

Претседателот на државата Стево Пендаровски  вчера изјави дека е разочаран од специјалната обвинителка Катица Јанева.

Тој повика на темелна истрага во случајот „Рекет“ и оти јавноста е сведок на огромна криминална афера која ги тресе темелите на важни државни институции и ја доведува под прашање, уште повеќе од досега, довербата на граѓаните во политичарите и во сопствената држава.

Јас, јавно, уште на самите почетоци на аферата Рекет” го кажав својот став дека сум разочаран од тоа што го слушнав и повикав на брза и темелна истрага. Наместо тоа, надлежните отидоа на годишен одмор како да се работи за редовна состојба и за рутински предмет, а, не е така. Аудио и видео снимките кои се споделуваат на медиумите изминативе денови предизвикуваат длабоко разочарување кај сите граѓани, а особено кај оние кои со години и по цена на постојани притисоци и закани од поранешната власт протестираа секојдневно барајќи правда. Револтот кај граѓаните е огромен и сосема оправдан. И јас, како граѓанин, како човек, не само како претседател, сум разочаран затоа што се изневерени и моите очекувања и тоа најмногу од луѓето од кои очекуваме да се борат за правна држава“, рече претседателот.