Сите обложувалници и казина ќе треба да бидат дислоцирани 500 метри воздушна линија од училиштата. Ова е главната новина во измени на законот за игри на среќа кои влегоа во собраниска процедура. Во петокот се одржа јавна расправа за законот по што тој ќе влезе во комисијата за финансирање и буџет и на крај на пленарна седница.
Предлог законот е на ДУИ и тој е речиси пресликан од Косово и Албанија кои ги префрлија игрите на среќа надвор од градовите. Намерата е игрите на среќа да не бидат толку достапни на децата иако и сега има одредба дека на малолетно лице му е забрането да влезе во казино или обложувалница.
Прашање е како ова би се реализирано кога училиште има во секоја населба и помало населено место. Тоа посебно е проблематично за помалите градови со што практично обложувалниците би биле целосно затворени бидејќи 500 метри воздушна линија е голема оддалеченост.
Според информациите од пред две години во овој сектор се вработени 7.000 работници. За игрите на среќа се плаќа посебен данок на приход од 23 проценти а пак на почетокот на годината се зголеми данокот на добивка од 10 на 15 проценти.
Тоа значи дека на добитно ливче од 500 денари државата на секој играч му задржува 75 и тие пари се влеваат во буџетот на Македонија. Засега нема најави дали предлог законот ќе биде подджан од двете најголеми партии СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ.
Comments are closed for this post.