СДСМ ги заокружува промените и воведува нов систем на работа и делување, во интерес на граѓаните, најави на денешната прес-конференција, Љупчо Николовски, генералниот секретар на социјалдемократите. Николовски информираше дека од овој месец почнуваат и со теренски активности и средби со граѓаните, во маалата, во селата, во урбаните заедници, низ сите градови и општини.

„Тимови на СДСМ на централно и локално ниво, придужувани од партиски носители на функции, советници, нашите градоначалници, директори ќе се сретнат со граѓаните ширум републиката во текот на летото“, рече тој, а на средбите ќе се разговара за нивните потреби, за отворените прашања, за работата на локалната самоуправа и градоначалниците, за работата на централната власт и на институциите, но и за начинот на решавање на проблемите.

„Ќе го забележиме она што ќе го посочат граѓаните и итно ќе делуваме низ нашиот систем. Што е добро сработено во изминатите две години, што треба да се подобри.

Започнуваме од утре во Пробиштип и во сабота од Штип. Продолжуваме секој ден на терен со граѓаните“, додаде ген-секот на СДСМ.

Според него, новот систем на СДСМ значи редовно оценување на политичките, програмите и проектите на сите можни нивоа. Овој процес е започнат и во овој процес се воведени сите наши градоначалници, директори и претседатели на општинските организации.

„Паралелно со теренските активности, во тек е длабински процес на опсежна анализа и истражувања за реализацијата на програмите, проектите и мерките на централната, но и на локалната власт. Се прави целосна евалуација на досега сработеното, се евидентира степеност на реализација на проектите и задоволството на граѓаните, и од политиките и од носителите на истите. Ова ќе го вкрстиме заедно со информациите од граѓаните од терен. Преземаме обврска, преку координирана акција да се надминат сите предизвици во реализацијата на она што е ветено пред граѓаните.

За се она што е значајно за граѓаните, целата структура на СДСМ се става во функција за нивното успешно решавање. Токму затоа, ќе бидам тука, деноноќно да работиме во тој правец“, рече Николовски.