Потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Александар Николоски, кој е избран во 40-те највлијателни личности под 40 години во Европа од страна на бриселската Friends of Europe, во наредните три дена ќе учествува на средба во Загреб насловенa како „Спасување на демократијата од самата себе”. Во Загреб е предвидено да се сретнат овогодинешните избрани 40 личности од Европа, но и алумни од изминатите генерации.

Покрај активното учество на тридневниот настан, Николоски ќе оствари и повеќе средби со високи хрватски политичари. Николоски ќе оствари средба со хрватскиот премиер Андреј Пленковиќ, кој воедно ќе биде и учесник на настанот во Загреб. Исто така предвидени се и средби во хрватското Собрание со Гари Капели – претседател на комисијата за надворешни работи во парламентот на Хрватска и средба со пратеничката Маријана Петир. Николоски исто така ќе оствари средба во Министерството за надворешни работи со Гордан Грлиќ-Радман – министер за надворешни работи на Хрватска. Николоски ќе ги искористи средбите со хрватските политичари за афирмација на пријателските односи помеѓу Македонија и Хрватска и потребата од почетокот на преговори со ЕУ.

Организаторот на настанот во Загреб „Пријатели на Европа“ е највлијателна организација во Брисел и активно учествува во креирањето политики на ЕУ, а во нејзиниот управувачки комитет седат премиери, претседатели, претседатели на Европската комисија, евро комесари и други јавни личности од Европа.

Целта на овој настан е заедничко вмрежување на 40 највлијателни личности под 40 години од Европа. Оваа година дел од настанот се и Михаел Шимечка потпретседател на Европскиот Парламент, Михаи Данила – потпретседател на најголемиот инвестициски фонд во светот Блек Рок, Катинка Хосу пливачка која има три олимписки златни медали и вкупно 96 медали во кариерата, Томс Јурјевс основач и директор на Сан Фајнанс груп која обезбедува преку 1,2 милијарди евра во кредити за мали корисници, Нектариос Каланти Претседател на градоначалниците на Европа, Софи Мусел позната актерка со улоги во филмови и серии на Нетфликс, Соиел Мирпур член на управниот одбор на Рокет Интернет најголема европска компанија за поддршка на високоразвиени технолошки компании, Бенјамина Кариќ градоначалник на Сараево, Марио Брандебург пратеник во германскиот Бундестаг, Кристина Хансен од Данска која е градоначалник на Холбаек, Тамара Срзентиќ која е министерка за јавна администрација на Црна Гора, Витолд Банка од Полска претседател на светската анти допинг организација и други успешни млади лидери од Европа.