Потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Александар Николоски кој учествува на летната сесија на Парламентарно собрание на Совет на Европа во Стразбур, остварил средби со претседателот на Европската народна партија,Жозеф Дол,  но и со пратеници од повеќе од 20 европски земји. На средбите побарал од соговорниците да лобираат Македонија да се одвои од Албанија во процесот на евроинтеграција.

„За жал заеднички е впечатокот дека Македонија втора година по ред не добива датум за почеток на преговори за членство во ЕУ затоа што Владата на Заев не спроведува реформи. Не спроведува реформи во борбата против корупцијата, не ја подобрува економијата и не воспоставува функционхален систем на владеење на правото. Односно економијата тоне, корупцијата цвета и нема воспоставен систем на владеење на правото.  Уште повеќе најголем дел од соговорниците се изненадени од деспотскиот однос на Заев кој што реши покрај премиер да биде и министер за финасии. Пример невиден било каде во било која европска демократија, пример кој што покажува кон кој авторитаризам и деспотизам се движи Зае“, изјави Николоски.

Како што потенцираше неподелен е впечатокот помеѓу сите оние со кои што разговарал дека најголемата стратешка грешка Владата на Заев ја направи договарајќи се со Еди Рама, Македонија и Албанија да влезат во иста група, затоа што Албанија ја влече Македонија назад.

„Со сиот неред кој што се случува во Албанија и нефункционалноста на институциите таму сериозно ја влече Македонија назад и ги уништува европските перспективи на македонските граѓани. Групата со Албанија е најголемото зло или најголемиот проблем што може да се случи на европската интеграција на Македонија. И затоа силно апелирав и ги замолив сите оние со кои што се сретнав да разговараат со своите министри за надворешни работи, да разговараат со своите премиери и да побараат одвојување на Македонија и Албанија со цел Македонија да може да чекори напред. Тоа е едниот пат кој што треба да го изоди Македонија, а вториот секако се внатрешните реформи. За реформитете не гледаме капацитет во Владата на Заев и затоа се надевам на брза промена на власта и нова влада која што ќе ја предводи ВМРО-ДПМНЕ која што ќе може да ги зварши овие реформи.  Коленичењето на Заев пред Еди Рама мора да престане бидејќи тоа коленичење ја влече Македонија назад“, изјави Николоски.

Николоски учествува на покана на Совет на Европа како почесен член, кој го стекна заради неговиот ангажман на високи позиции во Советот.

Сесијата на ПС на Совет на Европа е посебно интересна затоа што на неа се одбележува 70-тата годишнина од Советот на Европа, како најстара европска организација основана во 1949г.

Исто така Парламентарното собрание на Советот на Европа ќе го избере новиот генерален секретар на Организацијата.