ВМРО-ДПМНЕ ќе победи на овие избори и ние имаме свој кандидат за премиер, а барањето на ДУИ за премиер Албанец за нас е неприфатливо, одговори денеска потпретседателот на партијата, Александар Николоски, на новинарско прашање што доколку по изборите не може да се формира Влада без коалиција со ДУИ, дали ВМРО-ДПМНЕ е подготвена да го прифати нивниот предлог за премиер Албанец.

Ние сме убедени дека ќе победиме на овие избори и ќе победиме така убедливо што нема да има дилема околу формирањето владата, а уште помалку ќе има дилема околу тоа кој ќе биде премиер на следната влада. Ние имаме кандидат за премиер тоа е претседателот на партијата Христијан Мицкоски и Христијан Мицкоски ќе биде премиер на владата на Република Македонија. По однос на барањето на ДУИ, кратко и едноставно тоа е неприфатливо за нас, сметаме дека е од пропагандни цели и дека тоа барање не може на ниеден начин да биде прифатено од ВМРО-ДПМНЕ и нема да биде прифатено ни сега ни во иднина, рече Николоски.