Групата со Албанија за членство во ЕУ е лоша работа призна и Димитров, ама сега никој не сака да ја раздвои Македонија зашто Владата на Заев е покорумпирана и од таа на Рама, коментира потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Александар Николоски.

Во април 2018 година кажав дека македонската дипломатија ја прави најголемата грешка со одлуката Македонија и Албанија да одат во ист пакет кон отворањето на преговори за ЕУ. Денес е септември 2019 и читам Никола Димитров конечно признава дека тоа е грешка. За мене лична сатисфакција дека сум бил во право, за Македонија голем пораз зашто се изгубени една и пол година! Уште еден пораз е што со Владата на Заев и Димитров која распродава национални интереси како домати на пазар, не работи ништо, а краде цело време, сега никој не сака да не раздвои зашто за жал исти сме како Албанија.

Сакаме да бидеме членки во Европската Унија, затоа што пред се тоа ќе значи повисок стандард и вредносни критериуми дома. Но очигледно ова не е цел на власта. А не е зошто ништо немаат сработено овие три години, а не поместија ниту една игла во периодот од последните три месеци кога се одложи и одлуката за датумот за преговори. Откако Владата го преспа целиот тримесечен период, кој ќе го запаметиме ако по ништо друго по тешките скандали и криминали, министерот за надворешни работи Димитров со епохална изјава во немоќ, која отприлика има следно значење „дајте ни датум за преговори, за да останеме на власт, а ако не дадете тогаш опозицијата ќе не критикува, а како што знаете тие се лоши, иако Владата е најдобра“. Значи човекот кој на секоја влада се нудеше за министер (а очигледно трудот само кај Заев му вроди со плод), човекот кој ќе остане запаметен по разорувањето на дипломатијата, и по тоа што нема ниту еден успех во министерувањето, освен што распродаде се што е национално важно сега јавно си признава дека оваа Влада нема сработено ништо, и дека единствениот адут зошто треба да има датум за преговори е зошто опозицијата ќе ја критикува власта за несработеното.

 

Срамно дури и ако доаѓа од Влада како оваа на Заев. Димитров исто како Заев си го приватизира процесот, само затоа што немаат ниту еден успех, а за него борбата за датум за преговори не е поради успех на Македонија, туку поради сочувување на фотељата, гола власт и секако привилегиите. И не толку далеку од сега ќе биде денот кога Димитров повторно ќе стане „експерт“, кој се разбира ќе нема ништо заедничко со оваа влада. Но тогаш исто како и денес сите ќе се сеќаваме на еден од најнеуспешните министри во најкриминалната влада. И да, да не заборавам, евентуалната дата е за граѓаните и Македонија, а не за рекетарите на власт која ја опустошија, украдоа и засрамија државата.

И за крај го повикувам Димитров на едно јавно соочување на аргументите. Тој нека бира медиум и време. Една година бега, време е да се се соочат аргументите“, напиша Николоски на фејсбук.