Независниот синдикат за образование и наука (НСОН) известува дека на ден 20.02.2020 од 13.00 часот до 14.00 часот, пред зградата на МОН, ќе одржи синдикален протест од страна на НСОН.

Во 13.40, Претседателот на НСОН – Томислав Гиевски, преку пресконференција ќе се обрати до медиумите со цел да ја запозне широката јавност за Барањата на НСОН и проблемите со кои се соочуваат просветните работници.

– И покрај повеќето обиди за воспоставување дијалог, со цел да бидеме сослушани, ние, просветните работници кои сме синдикално обединети во Независниот синдикат за образование и наука- НСОН, избравме својот револт поради игнорантскиот однос на надлежните и своите барања кои се засновани на позитивните законски одредби во државата да ги изнесеме во форма на протест.
Барањата на НСОН во име на просветните работници се следниве:

– Почитување на ставот на Друштвата на наставници во врска со најавената Концепција за реформи во основното образование ;
– Исплата на плата за просветните работници во согласност со Колективниот договор ;
– Исплата на платите согласно со Закон и Колективен договор, најдоцна до 10-ти во месецот ;
– Исплата на додаток на плата за наставниците кои работат со двојно зголемен фонд на часови ;
– Исплата на регрес за годишен одмор од кој просветните работници моментално се изземени ;
– Организиран превоз, месечна карта за јавен превоз или месечен надоместок за патни трошоци за просветните работници кои патуваат на работа во рурални средини или од една во друга општина;
– Трансформација на работниот однос на просветните работници кои во континуитет се вработени две или повеќе години, истакнуваат од НСОН.