Нема нови термини за првата доза за вакцина против ковид-19, реагираат граѓаните кои сè уште не добиле порака или имејл со известување каде и на кој пункт да се вакцинираат.
Се помал е бројот на граѓаните кои ја добиле првата доза на вакцина против ковид-19. Министерството за здравство вчера информираше дека во саботата првата доза ја примиле само 1.255 граѓани, а тој ден вкупно се вакцинирале 14.282 граѓани. Според МЗ досега вакцинирани се вкупно 245.413 граѓани. Во државата вкупно се аплицирани 384.466 дози вакцини, а ревакцинирани се 139.053 граѓани.
Нема нови термини за граѓаните кои се пријавиле на vakcinacija.mk после 30 април. Сите што дотогаш беа пријавени, ја примија првата доза и оваа недела ја чекаат ревакцината, но нови термини за другите кои се пријавиле подоцна уште нема.
Mинистерот за здравство Венко Филипче кој беше во посета на турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган, најави дека Турција ќе ни донира 30.000 вакцини од кинескиот производител „Синовак“, но не прецизираше кога ќе стигне донацијата.
Филипче минатата недела неколкупати повтори дека оваа недела, од 7 јуни па натаму во Македонија треба да пристигнат уште 500.000 вакцини од овој производител.
Претходно Бугарија и Грција најавија дека ќе донираат вакцини за масовна имунизација на населението, но и тие не кажаа датум кога ќе пристигнат вакцините.
Секој понеделник стигнуваат нови количини на ‘Фајзер‘, а неделава очекуваме 50.000 вакцини од Бугарија и 20.000 Грција, кои најверојатно ќе бидат од ‘АстраЗенека‘. Немаме точен датум кога ќе стасаат 500.000 вакцини од ‘Синовак‘, кои беа најавени за почетокот на јуни“, изјави Филипче на воената вежба „Одлучен удар 21“ на Криволак.
Во недостиг на вакцини Македонците викендов повторно ја поминаа границата и заминаа во соседна Србија, во вакциналните пунктови Врање или Ниш, кои освен за Македонците, беа отворени и за граѓаните на Босна и Херцеговина. Викендов, според српските медиуми до сега таму бесплатно се вакцинирани повеќе од 2.000 луѓе. Повеќе од 750 граѓани на Македонија викендов отпатуваа во Врање за да примат прва доза вакцина, соопштуваат од тамошиот здравствен центар. Досега во овој град се вакцинирани 1.105 Македонци, дел од нив примиле и втора доза.
Филипче рече дека во разговор со српскиот министер за здравство Златибор Лончар ќе се договорат за пункт кој ќе биде во близина на македонско-српската граница, најверојатно Врање или Ниш и таму македонските граѓани да ја примат втората доза од „Астра Зенека“. Македонија останува на ставот оваа вакцина да не се дава на лица помлади од 60 години.
Вкупната бројка на Ковид-дијагностицирани лица во нашата земја од почетокот на епидемијата изнесува 155.417, бројката на оздравени пациенти е 149.292, а на починати е 5.455.
Бројот на активни случаи со Ковид-19 во државава, според последните податоци на Министерството за здравство, вчера се намали на 670, а беа регистрирани само 10 новозаразени од направени 2.825 тестирања.
Вкупната бројка на пациенти позитивни и суспектни на корона вирусот кои се лекуваат на инфективните одделенија во главниот град и во болниците низ земјава е 123 и има околу 420 празни болнички кревети во ковид центрите.
Comments are closed for this post.