Состанокот на министрите за надворешни работи и европски прашања на Европската Унија заврши денес во Луксембург без договор за датум за преговори за Македонија и Албанија. Франција, но и други држави, останале против натамошното проширување на ЕУ. Еврокомесарот Јоханес Хан не можеше да го скрие разочарувањето од поразот на прес конференцијата по состанокот.

Морам да кажам дека ова не е ден на кој можеме да се чувствуваме горди на себе. Без сомнеж секое натамошно одложување на проширувањето ќе му наштети на кредибилитетот на ЕУ на Западниот Балкан и на нашата желба да бидеме силен глобален партнер, изјави Хан.

Тути Тупураинен, министерката за европски прашања на Финска, која го држи ротациското претседателство со Европскиот Совет, додаде дека имало повеќе држави кои биле сомничави, а „една беше силно против“. Јасно е дека ставот на Франција, да не дозволи отворање на преговорите, надвладеал на Советот.
Дел од земјите-членки на ЕУ силно притиснале да не дојде до раздвојување на Македонија и Албанија и двете земји заедно да добијат датум за преговори. Ако Франција се противи на отворањето на преговорите со Македонија и бара претходно да дојде до сериозно менување на начинот на кој тече процесот на проширување – се очекува поголем број држави да бидат против ако Македонија биде ставена во пакет со Албанија. Тука најгласна е Холандија, а и се приклучуваат и Данска и други држави.

Од друга страна, италијанскиот министер за надворешни работи Виченцо Амендола изјави дека „нема начин како да ги разделиме“ Македонија и Албанија.

Сличен став изнесе хрватската амбасада во ЕУ. Со ова, Македонија ќе мора да се надева дека Франција ќе се одоброволи не само за нас туку и за Албанија, а дека и Холандија ќе го смени ставот кон Албанците.

Австрискиот министер Шаленберг најави дека одлуката ќе остане да ја донесат шефовите на државите и владите, кои ќе се среќаваат во следните денови. Останува надеж дека францускиот претседател Макрон ќе биде одоброволен на ова ниво, но за Македонија ќе беше далеку подобро до овој состанок да дојдеше со веќе подготвена препорака за отворање преговори на ниво на министрите.