Едниот, односно третиот код од црните пари на грчкото Министерство за надворешни работи, се однесувал на средствата, што биле распределени за поддршка на православни цркви и на православието во целина.
Со оглед дека станува збор за множина, за православни цркви, се отвори дилемата дали можеби дел од нив се однесувале и на МПЦ-ОА. Зошто, речиси паралелно со одвивањето на преговорите за договорот со Грција, нашата црква во два наврати се најде во ситуација да бара решение, како за нејзиниот статус, така и за името. Прво се обрати до Бугарската православна црква да и биде мајка, а подоцна и до Вселенската патријаршија.
За објаснување дали грчките црни пари имаат некаква врска со МПЦ-ОА, Пресинг Тв се обрати до портпаролот на Светиот синод, г.Тимотеј, кој изјави:
Немаат никаква врска, барем мене не ми е познато и не верувам дека има такви средства во кругот на МПЦ.
На Црковно-народниот собор, што на почетокот на месецов се одржа во Охрид, во јавноста остана отворено прашањето дали има единство во ставовите на владиците, што тие ги презентираат пред верниците, а се однесуваат на договорот со Грција. Дел од нив јавно го поддржуваа, а дел беа против.
На соборот во Охрид, владиката Агатангел, митрополит повардарски, на утринската литургија, меѓу другото, изјави:
Денес не само што се одрекува македонската црковна автокефалност, туку се негира и македонскиот национален идентитет, а се загрозува и опстојот на македонската национална држава. Преку перфидни предлози и лицемерни решенија му се нуди на македонскиот народ самоукинување и автогеноцид.
Comments are closed for this post.