Власта и опозицијата денес не постигнаа каков било напредок во врска со законите за Јавното обвинителство, при што и СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ останале на старите ставови особено за законот за Специјалното обвинителство.  Притоа клучен е членот 105 за што опозицијата нема намера да отстапи од своите позиции.

Сега се отвора прашањето дали консензусот че се бара на лидерска средба меѓу Зоран Заев и Христијан Мицкоски, или, пак, ќе се оди на варијантата формирање апослутно мнозинство, но без ВМРО-ДПМНЕ.

„Ние имаме првична цел да направиме широк консензус заедно со опозицијата. Ние имавме средби со други пратеници. Но, доколку роковите станат критични, нема напредок тогаш ќе размислуваме за алтернативни решенија.

Пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ, Антонио Милошоски, кој денес беше во работната група на опозицијата, по разговорите изјави дека владата и министерката за правда Рената Дескоска не се спремни да го прифатат нивниот предлог законскиот текст усвоен од СДСМ и од ДУИ да биде испратен пред Венецијанската комисија.

„Затоа ние се сомневаме дека тие не веруваат во тоа што го предложиле. Второ, дадениот предизборен предлог од господин Заев дека јавниот обвинител ќе се бира на предлог на опозицијата било лажно ветување. Од тоа не сме разочарани, туку напротив, доколку јавниот обвинител денес треба да биде избор на владејачкото мнозинство, напомнавме дека утре кога ќе се сменат политички состојби јавниот обвинител ќе биде избран од владејачкото мнозинство.

Трето, гледаме дека власта има расположение за поинакви кадровски решенија освен Катица Јанева и тоа е добар сигнал. Но, и гледаме дека не се расположени да ја повикаат на одговорност за превземени дејствија како неовластен тужител согласно законот за СЈО. Сметаме дека сите обвинители треба да бидат одговорни доколку превземале постапки надвор од законските овластувања, но тука со власта имаме најголеми разијдувања. Немаме намера да се согласиме на решение кое ќе значи амнестија за незаконски превземените дејствија на СЈО. Се надевам дека владејачкото мнозинство, доколку цени оти овој закон е битен за европските интеграции, ако не му верува на ВМРО-ДПМНЕ и опозицијата, дека ќе ја консултира Венецијанската комисија и да добие потврда што се европски стандарди за обвинителство, а кои се политички интервенции за овој закон“, изјави Милошоски.

Тој информираше дека на разговорите на Дескоска и ја честитале новата функција, која ќе ги раководи реформите во правосудството, но изразиле и надеж дека таа нема да биде разрешена во процесот „метла“ кој го најави премиерот Заев.

На прашањето, што Дескоска подразбира под „скриена амнестија“, Милошоски одговори:„Досега единствената селективна амнестија која се случила во РМ била таа која и требаше на власта за уставните измени. Се надеваме дека во иднина нема да има такви слични“.

Министерката Дескоска потврди дека на денешната средба немало напредок.

„Клучното прашање беше членот 105 за кое ВМРО-ДПМНЕ остана на нивното барање сите постапки покренати (од СЈО н.з.)по првите 18 месеци да бидат запрени. Тоа значи сите докази кои се обезбедени да пропаднат, да не се употребуваат, сите мерки кои се превземени да престанат. На пример денес разговаравме за имотот на нивната партијата кој е замрзнат, да се одмрзне, ако се изречени мерки за претпазливост, или се одземени пасоши, сето тоа да престане. Сите постапки во иднина за отворање би биле спорни. Таквиот став е неприфатлив бидејќи тоа во суштина е амнестија за сторени кривични дела“, истакна Дескоска.

Во врска со испраќањето на законот во Стразбур, таа рече изразила подготвеност тој да биде испратен откако ќе биде донесен законот.

„Сите знаеме дека роковите за негово донесување е тој да биде донесен што поскоро, а ако се испрати до Венецијанската комисија тој нема да биде разгледан пред септември-октомври и затоа не треба да се користи Венецијанската за одолговлечување на законот. Ние сме спремни да се донесе законот, а потоа да се испрати до Венецијанската, со обврска  нејзините забелешки да бидат имплементирани од страна на политичките партии.

Дали Катица Јанева се пушта низ вода?

Пратеникот Милошоски изјави дека од разговорите се добива впечаток дека власта е расположена за други кадровски решенија освен Катица Јанева, сегашната специјална обвинителка. Тоа за опозицијата е добар знак и нешто што го прифаќаат.

Меѓутоа на прес-конференцијата Дескоска демантираше дека се разговарало за Јанева.

„Прашањето за Катица Јанева не беше отворено“, рече Дескоска.